Додека едни велат дека пелетите се „новото дрво“, други и натаму остануваат верни на традиционалниот оган во шпоретот. Во пракса, одговорот на прашањето кое греење е поисплатливо, на пелети или на дрва, не е толку едноставен.
Сè зависи од типот на објектот, квалитетот на изолацијата, начинот на користење и, секако, од пазарните цени кои се менуваат буквално од сезона во сезона.
Во моментов, според трговците, кубик дрва во Македонија чини од 3.500 до 4.000 денари, додека еден тон пелети достигнува и до 400 евра.
На прв поглед, дрвата изгледаат поевтино, но енергетската вредност на пелетите е поголема, што значи дека се потребни помали количини за исто ниво на топлина.
Притоа, пелетите нудат поголема удобност како автоматско палење, дигитална контрола, чистота и помалку пепел. Но, тоа комфорче чини, па инвестицијата во печка на пелети и не е мала.
Познавачите на енергетските системи велат дека на долг рок, пелетите се поисплатливи ако домаќинството има добра изолација и ако печката е квалитетна.
„Кај системите на пелети има повисока ефикасност, до 90 проценти, додека кај обичните печки на дрва ретко надминува 60“, објаснуваат тие.
Според нив, најчестата грешка што ја прават граѓаните е што ја пресметуваат само цената на горивото, а не и на инвестицијата, одржувањето и времето што го трошат за ракување со системот.
Од друга страна, граѓаните кои остануваат на дрва се водат од едноставна логика: дрвото е природно, достапно, и не зависи од увоз.
Иако бара повеќе работа како цепење, редење, чистење, чувството кога пламенот пука во огништето тешко се заменува со механички звук од горилник.
„Да, пелетите се удобни, ама дрвото е душа“, коментира еден скопјанец што со години се грее на дрва. И навистина, за многумина, ова не е само прашање на цена, туку и на навика и чувство.
Експертите предупредуваат дека пазарот на пелети е непредвидлив и е зависен од светските цени на дрвната биомаса и од извозот.
„Минатата година цената се качи за 40 проценти, па луѓето што вложија во пелетни системи беа изненадени. Оваа година е стабилна, но никој не може да гарантира што ќе биде следната зима“, велат аналитичарите.
Кај дрвата, пак, главниот проблем е снабдувањето. Сечата во шумите е ограничена, а цената расте поради транспортот и недостигот на сезонски работници.
На крајот, според калкулациите на енергетските стручњаци, просечно семејство што троши околу 10.000 киловат-часови топлинска енергија годишно би платило од 60 до 70 илјади денари ако се грее на дрва, а меѓу 70 и 80 илјади ако користи пелети. Разликата не е драстична, но комфорот е драстичен.
Со пелетите не се станува во пет наутро да се разгорува печката, не се тресе пепел секој ден, нема чад во куќата.
Сепак, познавачите советуваат дека најдобро е решението да се бара во комбинација, делумно греење на пелети за удобност и стабилност, а дрва за економичност.
Или, како што велат некои: „Топлината не доаѓа само од горивото, туку и од тоа колку си спремен да вложиш во неа“.
И навистина… секој си ја мери зимата на свој начин.
Б.З.М.



