Цените на детската облека во последните неколку години почнаа да растат со темпо кое ги изненадува дури и најтрезвените потрошувачи.
Она што некогаш беше вообичаен месечен трошок за едно семејство, денес сè почесто изгледа како луксуз, особено кога станува збор за родители со повеќе деца.
На пазарите, во трговските центри, па и на интернет продавниците, ознаките на цените се менуваат речиси на секои неколку месеци, а парче детска гардероба што минатата зима чинеше 600 денари, денес лесно може да биде над илјада.
Причините, како и секогаш, се повеќеслојни. Домашните производители посочуваат дека набавните цени на текстилот и суровините се зголемиле драстично – памукот, полиестерот, транспортот, енергијата, и дека сè тоа влијае на крајната цена.
Увозниците, пак, додаваат дека транспортот од Кина, Турција или Бангладеш е двојно поскап од пред пандемијата, а и царинските трошоци не се исти како порано.
„Секој синџир е поскапен, од шиење до складирање“, коментираат познавачи на пазарот, додавајќи дека веќе не се работи само за инфлација, туку за промена во целата структура на трошоците.
Најтешко им е на родителите на мали деца, бидејќи облеката брзо им станува мала.
„Буквално на секои два месеци треба нова гардероба, нови патики, нови панталони, маички… А секој производ е сè поскап“, велат мајки со кои разговаравме во еден од скопските трговски центри.
Некои велат дека се принудени да купуваат половна облека од интернет, други разменуваат со пријатели.
„Не е срамота повеќе, сите така правиме“, вели една мајка, спуштајќи го гласот како да зборува за нешто интимно, иако тоа одамна не е тајна меѓу родителите.
Експертите за потрошувачка политика предупредуваат дека детската гардероба во моментов расте со цена побрзо дури и од прехранбените производи.
Според некои проценки, во изминатата година облеката за деца е поскапена за 18 до 25 проценти, во зависност од категоријата.
„Тоа значи дека едно просечно семејство со две деца троши и до 150 евра месечно само за облека, ако се купува ново“, објаснуваат економистите.
И тука, велат тие, не станува збор за брендирана гардероба, туку за основни, секојдневни парчиња.
Состојбата на пазарите го кажува истото, само на друг јазик. Продавачите, кои некогаш имаа по десетина муштерии во еден ден, сега се жалат дека ретко кој купува повеќе од едно парче.
„Само гледаат, прашуваат колку е, и си одат. Се гледа дека народот нема пари“, вели еден продавач, кој открива дека морал да ги зголеми цените бидејќи набавката му е „три пати поскапа“.
Економските аналитичари посочуваат дека растот на цените на детската облека не е само локален феномен.
„Целата Европа бележи раст, но во земји со ниски плати, како нашата, ефектот е многу поостар,“ велат тие.
Во Германија, на пример, просечната плата е околу 3.000 евра, па поскапувањето од неколку евра не се чувствува. Кај нас, пак, ако зимска јакна чини 2.500 денари, тоа е премногу за некои семејства.
Сето ова доведува до појава што социолозите ја нарекуваат „прилагодена потрошувачка“, родителите сè повеќе купуваат во втора рака продавници, преку Фејсбук-групи или на интернет страници за размена.
Детската облека се користи максимално, па дури и се остава „за второ дете“. Има нешто тажно, но и топло во тоа, луѓето се враќаат на солидарноста што долго време беше заборавена.
А ако ги прашате трговците дали ќе има поскапувања и понатаму… повеќето ќе замолчат, ќе ги кренат рамениците, па ќе речат нешто како: „Па, ако не падне доларот, ако не поскапи струјата, ако…“. И ќе замолчат пак. Како сите ние кога не сакаме да кажеме нешто што веќе го знаеме.
Б.З.М.



