„Ако во следните две години минималната плата не порасне барем на 850 евра, Македонија ќе остане без работници“. Со ова предупредување економистите и аналитичарите се обидуваат да ѝ укажат на државата дека времето за сериозни економски одлуки истекува.
Пазарот на труд, велат тие, одамна го испратил сигналот дека нешто не е во ред. Сè повеќе фирми не можат да најдат работници, а младите, оние што имаат некаква стручност или занает, без многу двоумење го пакуваат куферот и си одат.
Германската, словенечката и австриската економија одамна го впиле македонскиот работен потенцијал, нудејќи плати што тука звучат скоро нереално.
„Не е прашање дали може или не може, туку мора. Ако сакаме да ги задржиме луѓето, мора да се движиме кон европски стандарди“, коментираат економистите, додавајќи дека платите одамна не треба да се мерат само со минималната потрошувачка кошница, туку со реалниот живот, односно со тоа колку човек може да преживее од месец во месец без да земе кредит или да позајми.
Од Сојузот на синдикати на Македонија најавуваат дека наскоро ќе го ревидираат своето барање за минимална плата од 500 евра.
„Ќе побараме повеќе и тоа не симболично, туку реално зголемување што ќе им овозможи на луѓето достоинствен живот“, порачуваат од таму.
Податоците од Државниот завод за статистика им даваат аргументи.
Живеачката, според пресметките, е поскапена за 4,5 проценти во однос на истиот месец лани, а цените на основните производи во маркетите се повисоки за речиси 3 проценти. Инфлацијата можеби е забавена, но ефектот врз џебот на просечниот граѓанин останува болен.
Аналитичарите додаваат дека Македонија е единствената земја во регионот каде минималната плата сè уште е под 500 евра.
„Соседите одамна ја поминаа оваа граница. Србија, Црна Гора, Бугарија, сите имаат повисок минималец. Ако не реагираме, нема да имаме кого да убедуваме да остане“, предупредуваат тие.
Просечната плата, според експертите, треба да се движи меѓу 1.200 и 1.500 евра за да се создаде вистински баланс меѓу трошоците и стандардот.
„Тоа можеби звучи амбициозно, но без таква цел нема ни развој, ни иднина. Не можеме вечно да се тешиме дека сме евтина работна сила – таа приказна одамна престана да биде одржлива“, нагласуваат економистите.
Секторите што најтешко ги чувствуваат последиците се градежништвото, угостителството и трговијата. Фирмите молат за работници, а оние што останале бараат начин да заминат.
И така, кругот се затвора. Нема луѓе, нема продуктивност, нема ни пари за нови зголемувања.
„А потоа сите ќе се чудиме како стигнавме до таму…“, велат аналитичарите.
Можеби, сепак, не е доцна. Ако синдикатите, Владата и стопанството седнат на иста маса не заради форма, туку заради суштина, може да се избори минималец што нема да звучи како подбив, туку како надеж.
Б.З.М.



