ПочетнаЕКОНОМИЈАРодителски жртви: кога мама и тато јадат помалку за децата да имаат

Родителски жртви: кога мама и тато јадат помалку за децата да имаат

Постојат сцени што не се гледаат на телевизија, не се фотографираат и не се објавуваат на социјални мрежи, а сепак зборуваат повеќе од илјада зборови.

Сцени во кои мајката си ја остава последната порција на чинија „за малиот“, а таткото тивко се откажува од кришката леб „оти детето сакаше уште“. Тоа се моментите кога љубовта се мери во залци, а жртвата во тишина.

Во услови кога цените растат побрзо од примањата, а животниот стандард се лизга надолу, многу семејства во Македонија се соочуваат со реалност во која родителите први се откажуваат – од месо, од овошје, од нешто ситно, само за да има за децата.

„Не е тоа ни херојство, ни нешто посебно. Тоа е родителство“, вели социологот Љубица Маџовска, додавајќи дека во општествата со ниски приходи токму оваа невидлива жртва најмногу го одржува семејниот баланс.

Според економски аналитичари, во последните години трошењето на храна во домаќинствата расте по стапка многу поголема од приходите.

Просечно семејство денес троши околу 45 до 50 проценти од својата плата само на храна, што е показател за финансиски стрес.

„Кога приходот не може да ги покрие основните потреби, прво страдаат родителите. Тие ја апсорбираат кризата за децата да не ја почувствуваат“, објаснуват експертите.

Во разговор со повеќе семејства, лесно се забележува истата слика: мајка која го брои секој денар на пазар, татко кој одбива кафе со колеги за да заштеди, родители што ги менуваат навиките само за најмладите да имаат барем нешто од старите стандарди.

„Ние не купуваме веќе ништо што не мора. Децата не треба да знаат дека нешто фали, нека си го живеат детството“, вели една мајка. Гласот ѝ звучи мирно, ама зад таа мирнотија стои борба што не се гледа.

Психолозите предупредуваат дека ваквата состојба носи и долгорочен емоционален замор.

„Родителите што живеат во постојан економски страв имаат чувство на вина и неуспех, дури и кога прават сè што можат. Тие често ја губат самодовербата, а тоа се пренесува и на семејната атмосфера“, вели еден семеен терапевт.

Според него, децата иако не разбираат сè, чувствуваат кога нешто не е во ред – кога се гаси светлото порано, кога телевизорот не свири гласно, кога нема нови патики…

Сценаријата во кои мама и тато јадат помалку, спијат пократко и се грижат повеќе, не се само емотивни приказни – тие се економска статистика во живо.

Инфлацијата, растот на кириите, трошоците за градинка и школо – сè се собира во една тивка сметка што не излегува на ниедна сметка во поштенско сандаче, но секој родител ја знае напамет.

„Секое семејство е мала економија, и кога таа економија ќе падне, државата треба да ја поддржи, не да ја обвини“, вели еден познавач на социјална политика.

А кога се прашуваат што би направиле различно, повеќето родители само се насмевнуваат.

„Ништо. Повторно би го оставил последниот залак за нив. Зашто кога ќе ги гледаш како јадат, забораваш дека ти си гладен“.

И во таа реченица се собира сè – и сиромаштијата, и достоинството, и љубовта.

Се вели дека родителството нема цена. Но во овие времиња, сè почесто изгледа дека токму родителите ја плаќаат највисоката сметка.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП