Долги години, Врање беше магнет за Македонците што сакаа да заштедат некој денар. Влегуваа со празен багажник, се враќаа со полн – масло, брашно, месо, сирење, па дури и по некој килограм чварки и лута пршута за по дома.
Но тие времиња, велат купувачите, веќе се минато.
„Не вреди ни бензин да платиш за таму“, вели еден скопјанец што редовно патувал преку граница за викенд шопинг, додавајќи дека цените се речиси изедначени со македонските, а некои производи дури и поскапи.
Кајмајкот, кој некогаш се продаваше за 300 до 350 денари, денес чини околу 600 денари по килограм. Чварките достигнале 1.200 денари, а килограм пршута оди дури до 1.600 денари.
Пазарите во Врање, кои некогаш вриеја од македонски автомобили, денес се полупразни. Трговците, наместо да бројат пари, гледаат кон границата и се прашуваат каде исчезнаа „старите муштерии“.
Познавачите на состојбите велат дека порастот на цените во Србија е последица на неколку фактори – растот на инфлацијата, зголемените трошоци за производство и, особено, поскапувањето на горивата и транспортот.
„Србија долго време одржуваше пониски цени на основните прехранбени производи, делумно поради субвенции и ограничувања на профитот. Но тие мерки веќе се повлекуваат, што природно ја крева пазарната цена“, објаснува еден економски аналитичар.
Од другата страна на границата, македонските купувачи коментираат дека разликата во цените сега е минимална, а некои производи кај нас дури и поевтини.
„Пред година-две, одевме во Врање за сè: месо, сирење, дури и козметика. Сега? Едноставно нема логика. Освен ако не сакаш да прошеташ и да каснеш нешто, бидејќи скарата им е совршена“, раскажува една купувачка од Куманово.
Таа додава дека не се работи само за цените, туку и за самата вредност на денарот и српскиот динар, кои сега имаат речиси еднаква куповна моќ.
Ситуацијата се менува и кај самите трговци во Врање, кои признаваат дека имаат значително помал обрт.
„Македонците беа наши најдобри муштерии. Сега ги нема. И тие што доаѓаат, купуваат по малку, повеќе гледаат отколку што трошат“, велат продавачи од локалната чаршија.
Еден од нив признава дека порано, за еден викенд, правел промет колку сега за цела недела.
Пазарите, некогаш преполни со сирење во лименки и колбаси во хартија, денес изгледаат некако побледо.
Цените се повисоки, купувачите поретки, а атмосферата некако… потивка. Најголем дел од оние што сепак доаѓаат, се Срби од внатрешноста, или понекогаш Бугари, кои исто така се жалат на истото – „сè поскапе“.
Експертите предупредуваат дека овие трендови нема брзо да се сменат.
„Регионалните разлики во цените полека се израмнуваат, особено откако Македонија го либерализираше увозот и повеќе не постои толкава разлика во ДДВ и царините“, објаснува еден економист.
Тој додава дека граѓаните ќе мора да се навикнат дека времето на евтин шопинг преку граница заврши, барем засега.
Сцената на граничниот премин Табановце е најдобар показател – порано редици коли натоварени со кесите од Врање, денес само понекој турист или шофер што се враќа од пат.
Б.З.М.



