ПочетнаЕКОНОМИЈАПак ќе се работи во недела, ама дневницата ќе биде многу повисока?

Пак ќе се работи во недела, ама дневницата ќе биде многу повисока?

Сè погласни стануваат шпекулациите дека Владата би можела повторно да го отвори прашањето за неработната недела.

Едни предлагаат да остане вака, со целосна забрана за работа, други бараат да се воведе можност за работа, но со двојна или тројна дневница.

Идејата повторно ќе се најде на маса на Економско-социјалниот совет, каде што синдикатите и бизнис-заедницата ќе се обидат да најдат заеднички јазик, ако воопшто постои таков.

Газдите не се откажуваат од своите барања. Велат дека забраната создава штета, особено за трговијата, угостителството и туризмот, каде викендите се најпрофитабилни.

Еден претставник на комората објаснува дека „се губат милиони евра месечно и илјадници потенцијални ангажмани“, тврдејќи дека многу компании веќе го заобиколуваат законот преку договори на дело и агенциски работници.

Според него, подобро би било да се дозволи работа за оние кои доброволно сакаат, со јасно дефиниран повисок надоместок – „така и волкот сит, и овците на број“.

Од другата страна, синдикатите остануваат непопустливи. Тие потсетуваат дека борбата за неработна недела не е само економско, туку и цивилизациско прашање.

„Неделата е ден за одмор, семејство и достоинство на трудот“, велат од еден од поголемите синдикати, предупредувајќи дека секое отворање на законот ќе значи враќање чекор наназад.

Тие додаваат дека работниците не треба да се ставаат во позиција да избираат меѓу парите и здравјето. Но, се знае, многумина и би прифатиле, ако условите се фер. Некој би рекол, пазарна реалност.

Експертите предупредуваат дека проблемот не е толку едноставен. Дел од нив посочуваат дека државата, со тоа што воведе забрана, всушност направи дисбаланс во пазарот на труд.

Има дејности што сепак мора да работат во недела – здравство, транспорт, медиуми, угостителство… а други се блокирани.

„Или сите да работат под исти услови, или никој“, велат тие, додавајќи дека правната рамка мора да биде пофлексибилна, особено во услови на хроничен недостиг од работна сила. Некои предлагат модел сличен на хрватскиот – со ограничен број работни недели во годината, што би овозможил и баланс меѓу продуктивноста и одморот.

Сепак, меѓу редови може да се почувствува дека дебатата не е само за неделата, туку за поширокиот однос кон работникот.

Македонија е меѓу ретките земји во Европа со вакво строго ограничување, но и меѓу оние со најниска просечна плата.

И кога луѓето се борат да преживеат, тешко е да зборуваш за „слободен ден“. Особено кога за некои тоа значи изгубена дневница, а за други, недостиг на кадар.

На крајот, сè ќе зависи од политичката волја и од тоа колку двете страни се подготвени да попуштат.

Синдикатите велат дека нема компромис со правото на одмор, работодавците предупредуваат дека забраната го гуши растот.

Економско-социјалниот совет има задача да пронајде средина меѓу овие две крајности. Но, како што често се случува кај нас, најверојатно повторно ќе се чека последен момент – и ќе се решава набрзина, некаде меѓу интересите и уморот. И така во круг…

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП