Ако новиот предлог на Регулаторната комисија за енергетика се прифати, граѓаните би можеле да се најдат во прилично збунета ситуација: дали евтината струја ќе важи кога се руча или кога се спие?
И уште поважно, дали навистина ќе биде „евтина“?
Предлогот, според кој евтината дневна тарифа би се продолжила за два часа, од 12 до 16 часот, а ноќната би почнувала од полноќ, звучи како компромис на хартија.
Но, пресметките велат нешто друго. Граѓаните најмногу електрична енергија користат во последните два часа од денот, токму тогаш кога сега би имале скапа тарифа.
Едноставно кажано, она што ќе се добие преку ден, ќе се изгуби навечер. А тоа значи – повисока сметка.
Енергетските експерти предупредуваат дека ваквата промена не е само техничка.
„Може да се создаде нова навика кај домаќинствата, но и нова нерамнотежа во системот. Луѓето ќе се обидат да ги пренесат сите активности во тие четири ‘евтини’ часа, што ќе предизвика пикови во потрошувачката“, вели еден од познавачите.
Тој додава дека наместо да се менуваат часовите, поважно е да се стимулира рационалната потрошувачка преку попаметни модели на мерење и тарифи поврзани со реалната цена на струјата во одреден момент.
Од Регулаторната комисија не кријат дека идејата е да се „распредели“ потрошувачката во текот на денот, особено кога има високи оптоварувања.
Сепак, според економските аналитичари, ваквата промена може да има сосема спротивен ефект.
„Кога ќе им го одземете на луѓето најкорисниот дел од евтината струја,а тоа се вечерните часови, тие ќе плаќаат повеќе без реално да можат да ја намалат потрошувачката. Переме, готвиме, пегламе токму навечер, не на пладне“, објаснува еден од нив.
Граѓаните, пак, реагираат со скепса.
„Не гледам кој ќе пегла во 13 часот, или кој ќе готви ручек во 15 часот за да фати евтина струја“, коментира една домаќинка, додавајќи дека токму навечер, кога семејството е дома, се троши најмногу.
И навистина, дали некој ќе почека до полноќ за да ја вклучи машината за алишта?
Во оваа дебата, сè повеќе се поставува прашањето дали идејата за „евтина струја“ ја губи својата суштина.
Ако не постои реална заштеда, ако се менуваат навиките, но не и резултатите, тогаш целиот систем станува бесмислен. Некои експерти дури предупредуваат дека ваквите измени можат да ја зголемат недовербата кон институциите и да создадат дополнителен притисок врз домаќинствата со ниски примања.
И додека Регулаторната комисија најавува анализа пред да донесе конечна одлука, едно е сигурно: во секое македонско домаќинство веќе почнуваат нови калкулации.
Колку ќе чини машината ако се пушти во 23:45? Дали вреди да се чека до полноќ за пеглање? И дали ручекот ќе се прави прекуден, само затоа што е… поевтино?
Енергијата е секојдневие, а не само бројка на сметка. Затоа секоја промена во тарифите не се мери само во киловат-часови, туку и во навики, во нерви и, на крајот, во пари.
И можеби најточното прашање не е кога ќе биде евтината струја, туку за кого ќе остане навистина достапна.
Б.З.М.



