Цените за машко шишање одамна ја преминаа границата од 150 денари. Денес, во многу скопски населби, тешко може да се најде фризер што наплатува под 500. Некои дури стигнаа и до 600 денари, без да понудат нешто повеќе од квалитетна машина, остри ножици и неколку зборови разговор додека трае шишањето. Но, очигледно побарувачката си го диктира темпото.
Во една мала фризерница во Порта Влае, едвај неколку квадрати простор, работи човек кој вели дека „занаетот не се учи само со гледање, туку со пот и дисциплина“.
Искрено ни признава дека занаетот го совладал во Турција, каде, како што вели, фризерството е вистинска уметност, не само рутина.
„Таму научив дека секој човек има свое лице, своја линија, и дека не може сите да се шишаат исто“, ни раскажува.
Работи само со закажување.
„Без тоа, хаос би настанал“, вели и додава дека оние што доаѓаат без термин најчесто си одат разочарани. „Има денови кога ми доаѓаат и по петнаесет луѓе. Не можам повеќе, не сум фабрика“, се насмевнува.
Работното време му е од 10 до 18 часот, но често, како што признава, останува и подолго, „ако треба некој последен да се среди за свадба, испраќање, работа…“.
Според неколку познавачи на занаетчиството, цената од 500 денари веќе не е луксуз, туку реалност.
„Сите трошоци им пораснаа – кириите, струјата, козметиката, дури и материјалот. Ако човек сака да преживее од тоа, не може да шиша за 200 денари“, вели еден од нив.
Друг додава дека македонските фризери сѐ повеќе се насочуваат кон моделот на работа со термини, што им овозможува поголема контрола и подобра услуга.
„Тоа веќе не е само шишање, тоа е цела малечка терапија за клиентот“, забележува.
И навистина, додека се гледа како фризерот во Порта Влае прецизно го обликува секој детал, се добива впечаток дека тоа што наплатува навистина вреди.
Клиентите седат мирно, со доверба. Некои зборуваат, некои молчат. Тишината ја прекинува само звукот на машинката и мирисот на парфемираната пена за врат.
Надвор, на стаклото, стои едноставна табла: „Работиме само со закажување“. Внатре – ред, прецизност и мир.
„Нема повеќе евтино шишање, тоа време помина“, ни вели еден повозрасен мајстор што случајно застана пред фризерницата. „Сега фризерот е како стоматолог – и таму одиш по термин, и таму плаќаш колку што треба“.
И можеби има право. Бидејќи во време кога сите брзаме, ретко кој има трпение да чека ред. А оној што си го разбира занаетот – не чека клиенти, тие го чекаат него.
Б.З.М.



