Освен политички теми во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија на патот кон Европската унија влегуваат и економските реформи кои се неопходни за европеизација на државата. Институтот за економски анализи Finance Think под лупа ги става сите препораки кои официјален Брисел ги адресираше за политиките и мерките кои се однесуваат за македонското стопанство. Според институтот, извештајот дава реалистична слика за продолженото отсуство на напредок на повеќе критички реформски точки за македонската економија.
Од Finance Think велат дека Извештајот го продолжува нагласениот критички тон за однесувањето на фискалната политика и јавните финансии во претходната година, односно периодот септември 2024 – септември 2025, и тоа на неколку пункта. Како прво, Фискалната консолидација е бавна, особено во контекст на преземените обврски за големи гаранции за кредитите од комерцијалните банки и засиленото трошење по Ребалансот на Буџетот од 2024 година, рефлектирано во платите на јавниот сектор и пензиите.
„Извештајот наведува: „Платите на јавниот сектор беа зголемени во текот на годината повеќе од оригинално-буџетираните средства, а пензиите беа зголемени во Септември 2024 и повторно во Март 2025, на линеарен начин, наместо преку индексирање“, според извештајот на ЕК.
Оваа забелешка за поткопувањето на фискалната консолидација преку зголемувањето на тековните трошења е целосно во линија со ставот на Finance Think кој го објави на крајот на ланската година.
Експертите од Институтот Finance Think велат дека ова имплицира неусогласеност со фискалните правила и со Интегрираниот финансиски информациски систем, плус се одложува воспоставувањето системска фискална дисциплина. Тоа значи дека без имплементација на фискални правила, растот на тековните трошоци останува ненадгледуван. Се оневозможува среднорочно планирање врз основа на реални капацитети, а институциите продолжуваат да проектираат „амбициозни, но неостварливи“ капитални проекти, додаваат од институтот.
„Капиталните расходи и понатаму се предмет на нереално проектирање. Оттука, тие повторно се предмет на кратење при ребалансирање на Буџетот. Извештајот ја нагласува неодржливоста на шемата според која, при Ребаланс на Буџетот, капиталните расходи се кратат (за 17.3% во 2024), а за сметка на тоа растат тековните трошења, барем делумно (9% во 2024), за да може да се финансира отплата на заостанати обврски, зголемување на платите во јавниот сектор, зголемувањето на пензиите и зголемените трансфери кон фондовите и општините“, велат од Finance Think.
Finance Think апелира ваквата шема на буџетско планирање и прекројување во текот на годината да се напушти. Како резултат на овие движења, буџетскиот дефицит за 2024. изнесуваше 4.4% од БДП, што е значително над првично планираното ниво од 3.4% од БДП, предвидено во среднорочната патека за намалување на дефицитот кон 3% до 2026 година, а во согласност со новите фискални правила. Европската Комисија потенцира дека ова произлезе „по крупната ревизија на Буџетот и последователните ребаланси“, при што средствата за капитални расходи беа скратени, додека средствата за тековни расходи, пред сé за плати, пензии и трансфери – беа зголемени.
Во однос на инфлацијата, а сврзано со претходната точка, Извештајот ги нагласува домашните ризици, сметаат економистите од институтот – посебно оние што произлегуваат од високиот номинален раст на платите. Извештајот нагласува дека времените ограничувања на цените и маржите кај храната придонесоа кон волатилност на инфлацијата. Институтот оцени дека варијабилноста кај инфлацијата произлегува од периодите на замрзнување на цените или маржите, бидејќи во месеците на примена на замрзнувањата, месечниот индекс на цените забележуваше пад, но тој беше проследен со остар раст веднаш по завршувањето на важноста на мерката. Извештајот дава и остра критика на управувањето со државната помош. А тоа посебно наведува во делот кој вели дека транспарентноста и ефикасноста на државната помош сè уште се под влијание на големиот број даватели на државна помош, недостигот од ажуриран регистар.
И.П



