Јагодите се едно од најпопуларните овошја, но според докторот Дејвид Сеспедес, тие се исто така меѓу најлошите за јадење, барем кога станува збор за количината на пестициди што ги содржат. Проблемот не е самото овошје, туку хемикалиите што остануваат на неговата површина и кои повеќето луѓе не ги отстрануваат правилно.
Д-р Сеспедес истакнува дека јагодите задржуваат повеќе пестициди од кое било друго овошје. Тој тврди дека најчестата грешка е што луѓето едноставно ги плакнат со вода и веднаш ги ставаат во фрижидер.
„Јагодите најчесто се мијат само под млаз вода, што не ги отстранува хемикалиите од нивната површина. Покрај тоа, оставањето влажни јагоди во фрижидер го забрзува нивното расипување“, објасни тој.
Како правилно да се мијат јагодите?
Докторот препорачува едноставен метод што може да помогне во отстранувањето на повеќето пестициди. Јагодите треба да се потопат во вода со додавање сол или 3 проценти оцет, околу десет минути. После тоа, важно е добро да се исплакнат, исушат и складираат во херметички затворен сад.
На овој начин, вели Сеспедес, јагодите не само што ќе бидат почисти, туку ќе останат и посвежи подолго време.
Зошто не треба да ги избегнуваме
Иако содржат високо ниво на пестициди, јагодите се исклучително вредни хранливо. Тие се богати со антиоксиданси и витамини, особено витамин Ц, и помагаат во регулирањето на шеќерот во крвта и одржувањето на здравјето на срцето. Тие исто така содржат манган, фолна киселина (витамин Б9) и калиум, а имаат ниски калории.
Според „Healthline“, бобинките, вклучувајќи ги и јагодите, имаат антиинфламаторни својства и можат да помогнат во намалувањето на ризикот од развој на рак. Некои студии покажаа дека соединенијата во јагодите можат да го забават или дури и да го спречат растот на туморските клетки, вклучувајќи ги и оние поврзани со рак на црниот дроб и усната празнина.
Опасноста од „вечните хемикалии“
Загриженоста за контаминација е дополнително засилена со извештајот од 2024-та година на „Pesticide Action Network UK“. Во него се наведува дека многу прехранбени производи содржат „PFAS“ пестициди, познати и како „вечни хемикалии“, кои се разградуваат исклучително бавно во природата и можат да се акумулираат во човечкото тело.
Анализа спроведена во 2022-ра година покажа дека дури 95 проценти од тестираните примероци од јагоди содржеле траги од „PFAS“. Освен што остануваат во животната средина, овие хемикалии можат да се акумулираат во крвта, коските и другите ткива.
На листата на најконтаминирани прехранбени производи, покрај јагодите, се наоѓаат и грозје, цреши, спанаќ, домати, како и праски и нектарини.



