Зголемувањето на терминот за дневна евтина тарифа на електричната енергија засега не е опција. Од Регулаторната комисија за енегетика ни соопштија дека во моментов нема економска исплатливост да се зголемат часовите во кои граѓаните плаќаат поевтина струја во текот на денот од таа што е договорена. Во меѓувреме регулаторот е во завршни подготовки во процесот на формирање на новата цена која домаќинствата треба да ја плаќаат од први јануари. Засега информациите кои пристигнаа до Денар велат дека значителна корекција на цената нема да се случи.
Според пазарните цени кои треба да се отсликаат пред се кај домаќинствата, во зависност дали е зима или лето, од кај 12 до кај 16 часот цените на берзите за електрична енергија се најниски. Но податоците од берзите велат дека од кај 20 часот па до 24 часот особено во летниот период се повисоки за три до четири пати.
„Ние се обидуваме да го измериме користењето на дневната евтина тарифа во домаќинствата. Дали ако додадеме дополнителни два часа во денот би ги користеле граѓаните, но во исто време да се зголеми скапата тарифа во време од 22 до 24 часот. Тоа се навики на граѓаните и гледаме и анализираме кога повеќе се користи, во кој дел од денот евтината тарифа има поголем бенефит за домаќинствата“, велат од Регулаторната комисија за енергетика.
Засега пресметките велат дека граѓаните повеќе користат електрична енергија во последните два часа од денот, односно од 22 до 24 часот и доколку овие два часа нема евтина струја на сметка на два часа дополнителни преку ден, тоа би можело да им ги поскапи сметките на граѓаните, сметаат од регулаторна. Но анализите и натаму течат.
Дневната евтина тарифа беше укината на први јануари 2022 година, а причина беше енергетската криза. Како состојбата со цените на струјата се стабилизираше така работите се подобруваа во земјава па регулагторот реши да ја врати следната 23-та од први декември и тоа од 13 до 15 часот. Евтината ноќна тарифа не беше исклучена во тоа време, и натаму се користи од 22 до седум часот наутро, и недела цел ден.
Слични вакви рестрикции земјава имаше и во 2012 година кога цените на струјата драстично се зголемија. Тогаш властите велеа дека целта е намалување на сметките на граѓаните и намалување на увозот на струја.
Користењето на дневна евтина тарифа е привилегија која ја користат единствено граѓаните на Македонија, ваков бенефит нема ниту една друга држава во Европа, тврдат од Регулаторната комисија за енергетика. Евтината тарифа во Македонија е воведена во 1982 година.
И.П



