Во едно скопско маало, пред мала маалска продавничка, секојдневно седи човек со сива коса, во поизносено сако. Секојдневно, речиси без исклучок, го гледаат како продава домашни јаболка и ореви.
„Мора нешто да се прави“, вели тој, со оној тон што не бара сожалување, туку само разбирање.
Неговата пензија едвај стигнува за сметки и лекови, па „нешто ситно“ заработува така, на улица, под сенка, со надеж дека барем за денеска ќе има доволно за леб.
Не е единствен. Сѐ повеќе пензионери низ земјава повторно влегуваат во работниот круг и не затоа што им недостасува активност, туку затоа што не можат поинаку да преживеат.
Некои продаваат зеленчук на пазар, други чистат дворови или помагаат во згради, а трети чуваат туѓи деца. Она што некогаш беше дополнителен џепарлак, денес е прашање на опстанок.
„Овие луѓе не работат затоа што сакаат да бидат активни, туку затоа што системот не им дозволува да одморат со достоинство“, објаснува еден економски аналитичар.
Според него, просечната пензија едвај надминува половина од минималната плата, што значи дека најголем дел од пензионерите се на границата на сиромаштија.
„Проблемот е што секој пораст на пензиите е симболичен, а реалната инфлација им ја јаде вредноста уште пред да ја примат“, додава тој.
Многумина од овие луѓе поминале живот во фабрики, училници, болници, а сега чистат скали или продаваат семки.
„Не е срамота да работиш, ама е срамота државата да те натера да мораш да работиш на стари години“, вели друг соговорник, пензионер од Кисела Вода кој секој ден собира пластика за рециклирање.
„Знам дека изгледа тажно, ама што да правам… не сакам да барам од деца, тие и самите немаат“.
Експертите предупредуваат дека старосната сиромаштија станува нова форма на социјална криза.
Нема доволно институционална поддршка, а пензискиот систем е на работ на одржливост.
„Ние имаме ситуација во која младите си одат, а старите остануваат без потпора. Тоа е демографска бомба што тивко отчукува“, вели еден универзитетски професор.
Тој објаснува дека државата мора да воведе специјални програми за дополнителна заработка и обука на пензионерите, за тие да можат легално и без срам да продолжат да работат доколку сакаат.
Во меѓувреме, животот тече. Улиците се полни со луѓе што носат години на грбот, а пак ги држи навиката и инаетот.
Еден продава чадори на плоштад, друг продава женски чанти на Зелен пазар, трета продава чорапи од домашна изработка. Нема во тоа ни гламур ни романтика, само борба, секојдневна, тивка, речиси невидлива.
Иако многумина ќе речат дека „барем се движат, не седат дома“, познавачите велат дека зад тие зборови се крие цела генерација што државата ја заборавила.
Понекогаш ќе ги видите насмеани, како да им е сè во ред. Ама само тие знаат колку е тешко кога после четириесет години работа пак мораш да станеш во пет наутро, за да не останеш гладен.
И така, секој ден… додека некој конечно не се сети дека и тие луѓе заслужуваат мир, а не нова смена.
Б.З.М.



