Додека земјите од соседството веќе ги објавуваат новите минимални плати што ќе стапат на сила од јануари, Македонија останува закочена на старите бројки и празни ветувања.
Косово, земја која до пред само неколку години беше економски симбол на нестабилност, од 2026 година ќе има минимална плата од 500 евра. Србија оди малку повисоко 551 евро, Албанија ќе ја подигне на 515, а во Бугарија минималецот ќе надмине 600 евра. Единствено македонските работници остануваат со минимална плата под 500 евра и тоа во време кога цените одамна не се „регионални“.
„Се чини дека нашите бројки останаа во место, а трошоците ни побегнаа далеку“, коментира еден економски аналитичар, додавајќи дека реалната куповна моќ на минималецот во Македонија е меѓу најниските во Европа.
„Со 24.000 денари не може да се покрие ни половина месечен трошок на едно домаќинство. Ако зборуваме за двојка со едно дете, едвај се стигнува до 10-тиот ден во месецот. Остатокот, или должиш, или молиш“.
Познавачите велат дека проблемот не е само во бројката, туку во целата економска структура.
Повеќе од 80.000 луѓе во земјата примаат минимална плата, а дел од нив, според податоци од терен, и помалку, преку разни договори или „на црно“.
„Имаме систем што е дизајниран за да преживееш, не за да живееш. И затоа луѓето си заминуваат“, вели друг економски експерт.
Интересно е што зголемувањето на минималецот во соседните земји не доаѓа случајно. Тоа е резултат на растот на продуктивноста, инфлацијата и политичкиот притисок на синдикатите.
Во Србија, на пример, Владата објави дека зголемувањето ќе помогне да се задржи работната сила која масовно се сели во ЕУ.
Во Албанија, пак, властите ја претставија мерката како „историски чекор“ кон европскиот стандард на живот.
А во Косово, новата минимална плата беше поздравена дури и од опозицијата, нешто што таму не се случува често.
Кај нас, меѓутоа, дебатата повторно се сведе на политичка реторика. Владата најавува нов модел на пресметка, но без конкретен датум.
Синдикатите бараат најмалку 450 евра веднаш, додека стопанството предупредува дека дел од компаниите ќе се соочат со дополнителен притисок и ќе го префрлат товарот врз потрошувачите.
На крај, сметката пак ќе ја плати граѓанинот, истиот тој што веќе го пресметува секој денар на пазар.
„Македонија ја пропушта шансата да биде конкурентна преку повисоки плати. Не е проблем што соседите напредуваат, туку што ние стоиме“, сметаат познавачите.
И токму тоа „стоиме“ е можеби најточниот опис на македонската економија денес.
А меѓу редови, тивко се слуша прашањето што сите го избегнуваат: ако и Косово може да има 500 евра, зошто Македонија не може барем толку? Никој нема јасен одговор. Само нови ветувања, стари изговори и празни џебови. И една иста реалност што трае предолго.
Б.З.М.



