ПочетнаЕКОНОМИЈАЌе исчезне ли најпознатиот бувљак во Скопје?

Ќе исчезне ли најпознатиот бувљак во Скопје?

Ѓубре-пазарот, канта-пазарот, бувљак… како и да го наречеме, одамна не е она што беше. Откако се исели од Маџари, неговата нова адреса е во скопската населба Трубарево, каде што секој вторник и петок триесетина неформални продавачи ги редат своите стари предмети на земја – некои на чаршафи, некои на кутии, некои едноставно на калта.

Но, според информациите до кои дојдовме, и таму веќе им се гледа крајот. Причината? На тезгите сѐ почесто се појавуваат нови, неотпакувани производи кои веројатно се набавени по нелегален пат.

Еден од продавачите вели дека „луѓето само се обидуваат да преживеат“, и дека не гледа ништо лошо во тоа ако некој продаде и нешто ново што му останало од дома или од некоја залиха.

„Ние не сме трговци, ние сме луѓе што едвај составуваат крај со крај“, додава тој, со тон што не остава простор за коментар.

И навистина, кога ќе се прошеташ меѓу тие импровизирани штандови, гледаш цела галерија на човечки судбини – од пензионери со по неколку чинии, до млади што продаваат парфеми и кабли за телефони.

Познавачите на состојбите велат дека проблемот не е само во тоа што се продаваат нови производи, туку во тоа што пазарот веќе одамна излегол од контрола.

„Станува збор за сива економија без никаква регулација. Општината нема механизам да утврди кој што продава, ниту пак има инспекциска контрола која би го спречила тоа“, објаснува еден економски аналитичар.

Според него, се губи и основната идеја на бувљакот – размена и повторна употреба на старите работи – а сето тоа прераснало во мини трговски центар на отворено.

Од друга страна, жителите на Трубарево се поделени. Едни велат дека пазарот им создава сообраќаен хаос и ѓубре, други дека им го оживува маалото.

„Да, има гужва, ама барем нешто се случува“, вели еден повозрасен човек што секој вторник седи на клупа и ги гледа луѓето како пазаруваат. „Подобро вака, отколку празни улици“.

Институциите, пак, молчат. Никој не сака отворено да признае дали има план што да прави со овие продавачи.

Неофицијално, се зборува дека наскоро ќе им биде забрането да го користат просторот во Трубарево, а дека ќе се бара нова локација „подалеку од населено место“.

Но, како што обично се случува, кога ќе се тргне едно место – друго се отвора. Таков е законот на бувљакот. Каде има луѓе, има и пазар.

И никој, па ни властите, не можат баш целосно да го искоренат тоа чувство дека, барем таму, човек може да продаде сѐ што има, или да купи нешто што не му треба.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП