Во периодот од 22 до 31 октомври 2025 година, Рудник САСА, во соработка со детската градинка „Бамби“, основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ и Дневниот центар за лица со посебни потреби во Македонска Каменица, ја реализираше еко кампањата „Супер добри дела“, наменета за најмладите членови на заедницата. Преку забавни и едукативни активности, кампањата ги поттикна децата да научат повеќе за рециклирањето, заштитата на животната средина, општествената одговорност и емпатијата.
Во рамки на оваа еко кампања, децата на возраст од четири до шест години од ЈОУДГ „Бамби“, учениците од прво до петто одделение од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ и корисниците од Дневниот центар за лица со посебни потреби, предводени од своите наставници и асистенти, рециклираа пластични шишиња во вендинг машината во градот, донирана од Фондацијата на Рудник САСА. За секое рециклирано шише тие добиваа поени, а средствата добиени од рециклирањето, кои со одлука на менаџментот на Фондацијата на Рудник САСА беа неколкукратно зголемени, ќе му бидат ставени на располагање на Дневниот центар за лица со посебни потреби за набавка на потребните намирници.






