Замислете четиричлено семејство кое по неколку месеци штедење решава да си приреди мал зимски одмор во Охрид. Таткото пребарува апартмани по огласи, мајката ги споредува цените на рестораните, а децата само прашуваат дали ќе имаат време се фотографираат покрај езерото.
На прв поглед, викенд во Охрид звучи како лесна и достапна идеја. Но кога ќе се собере сè, некако бројките стануваат поголеми од очекуваното.
Просечната цена за апартман со четири кревети во центарот на градот е околу 50 евра за ноќ, а на периферијата може да се најде и за поевтино.
Хотелите со појадок почнуваат од 70 евра нагоре, зависно од сезоната и близината до езерото.
Ако се земе просек, само сместувањето за две ноќи ќе чини околу 120 евра.
На тоа додадете и патните трошоци – од Скопје до Охрид и назад се потребни околу 3.000 денари за гориво, или нешто повеќе ако се патува со помоќен автомобил.
Храната е посебна приказна. Еден просечен ручек за четири лица во ресторан покрај езеро – супа, главно јадење и пијалак – излегува околу 2.500 денари.
Ако решите и вечерата да ја минете на ист начин, за два дена ќе се потрошат околу 10.000 денари само за храна. Дел од туристите велат дека се снаоѓаат така што купуваат во маркети и сами си готват во апартманите.
„Не е дека е поевтино, ама барем знаеш што јадеш“, вели една средовечна жена од Куманово.
Експертите за туризам посочуваат дека Охрид и понатаму е најпопуларната домашна дестинација, но дека домашните туристи веќе внимателно калкулираат.
„Семејствата веќе не одат на седум дена, туку максимум на викенд. Сè е поскапено, од паркинг до кафе во кафуле. Ако пред неколку години викенд чинише 8.000 денари, сега е сигурно над 15.000 денари“, објаснува еден туристички аналитичар.
Сепак, има и такви кои велат дека не можеш да ја мериш охридската убавина со пари.
„Не одиш таму само да спиеш и да јадеш. Одиш да се наполниш со мир, да гледаш залез, да се потсетиш дека и ние имаме море“, вели еден познавач на туризмот.
На крај, кога ќе се собере сè – сместување, гориво, храна, кафе, едно возење со чамец и некој сувенир – викенд во Охрид за четиричлено семејство чини околу 200-250 евра.
За некого тоа е вредна инвестиција во спомени, за друг – луксуз кој мора да се испланира однапред.
Б.З.М.



