ПочетнаЕКОНОМИЈАВилите со базен најбарани - луѓето плаќаат и по 800 евра за...

Вилите со базен најбарани – луѓето плаќаат и по 800 евра за една ноќ

Сè почесто, викендичките и вилите што до неодамна беа симбол на мирен одмор и бегство од градскиот хаос, денес се претвораат во мали приватни клубови за прослави, родендени, девојачки вечери и семејни собири.

Побарувачката расте, а со неа и цените. Најпосакуваните објекти, оние со базен, голем двор и тераса, за една ноќ се изнајмуваат и до 800 евра. Иако тоа на прв поглед звучи претерано, реалноста е дека термини во некои вили се резервирани со месеци однапред.

Познавачите на туристичкиот пазар велат дека луѓето се повеќе бегаат од рестораните и хотелите, во потрага по интимна атмосфера.

„Не сакаат повеќе формалност, келнери, класично седење. Сакаат своја музика, своја храна, своја слобода“, објаснува еден агент за изнајмување недвижности.

Според него, интересот најмногу расте меѓу младите кои сакаат модерна, но приватна забава, без ограничувања и без комерцијален притисок.

Цените, велат сопствениците на објектите, зависат од денот во неделата, бројот на гости, па дури и од поводот.

Ако е роденден со 20 гости во петок, цената може да биде 200 евра. Ако е сабота, свадба или девојачка вечер, таа истата куќа веќе ќе чини двојно.

Некои од домаќините имаат и детални ценовници: дополнителни трошоци за базен, џакузи, озвучување или ноќевање.

„Луѓето сега очекуваат да имаат и простор за фотографирање, декоративно осветлување, па дури и кетеринг кој ќе се вклопи во стилот на прославата“, додава еден сопственик на вила во скопското село Кучково.

Најмногу се бараат вили на периферијата на градовите – доволно блиску за да се стигне за 20 минути, но доволно далеку за да не пречи никому музиката.

Токму затоа, места како Нерези, Водно, Кучково, Зелениково, Љуботен, Сопиште или Катланово стануваат нови центри за викенд-забави.

Некои од објектите, иако скромни, веќе имаат по десетина резервации секој месец.

Експертите предупредуваат дека оваа појава има и негативни страни, односно повеќето прослави се организираат без пријави, без фискални сметки, а дел од сопствениците не ги исполнуваат ниту минималните стандарди за сместување.

„Пазарот е сив, сè уште нема контрола. Многумина работат на црно, а тоа создава нелојална конкуренција“, вели туристички работник од Скопје.

Според него, државата заостанува со регулацијата, иако бројките покажуваат дека приватното изнајмување расте за 20 до 30 проценти годишно.

Но и покрај сè, побарувачката не запира. Луѓето се подготвени да платат повеќе за неколку часа атмосфера што ќе ја паметат, за фотографии со поглед на градот и базен во позадина, за тој едноставен, но скап луксуз – да ја имаат целата ноќ само за себе.

Додека некои сметаат дека тоа е премногу, други велат: вреди секој денар, особено кога прославата е „еднаш во животот“.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП