Француската економија неочекувано порасна со најбрзо темпо од 2023-та година, смирувајќи ги загриженостите дека би можела да го изгуби моментумот поради нов бран политички превирања.
Производството во втората по големина економија во еврозоната се зголеми за 0,5% на годишно ниво во третиот квартал, во споредба со 0,3% во претходните три месеци. Резултатот повеќе од двојно ги зголеми очекувањата на аналитичарите.
Растот беше поттикнат од трговијата и подобрувањето на домашната побарувачка, според податоците објавени во четврток од статистичката агенција „Insee“. Министерот за финансии Роланд Лескур го нарече резултатот „извонредно достигнување“.
Извештајот беше објавен во ден полн со економски податоци од еврозоната, заедно со одлука за каматните стапки од страна на Европската централна банка (ЕЦБ). Економските податоци за остатокот од регионот за третиот квартал беа мешани, при што растот на Белгија се забрза на 0,3% од 0,2%, додека Ирска, Финска и Литванија објавија контракции. Аналитичарите очекуваат економијата на еврозоната да пораснала за 0,1%, исто како и во претходниот квартал.
Централните банкари не се убедени дека понатамошното монетарно олабавување ќе доведе до значителен раст. Во исто време, инфлацијата останува под контрола, па затоа ЕЦБ веројатно ќе ја задржи својата клучна каматна стапка на 2% на денешниот состанок. Според анкетата на „Bloomberg“, финансиската институција може да ја задржи таму уште две години.
Политичкиот хаос не го спречува растот
Силното работење на Франција доаѓа и покрај длабоката политичка неизвесност што ја тресе земјата. Премиерот Себастијан Лекорнеј се бори да ја стабилизира состојбата со буџетот и да избегне отстранување од власт од страна на високо фрагментиран парламент – судбина што ги снајде неговите двајца претходници.
Влошувањето на фискалната и политичката средина доведе до серија намалувања на кредитниот рејтинг, а гувернерот на француската централна банка, Франсоа Вилерој де Гало, предупреди на „постепено задушување“ на економијата поради неможноста на земјата да го совлада растечкиот долг.
Во својата потрага по решавање на кризата, Лекорнеј ја замрзна пензиската реформа на претседателот Емануел Макрон од 2023-та година и му даде на парламентот слобода да го утврдува буџетот, што би можело да доведе до поголем даночен товар за бизнисите.
„И покрај политичките превирања и меѓународната неизвесност, нашите компании инвестираат, извезуваат и ја движат земјата напред, Брзото усвојување на буџет што ја зачувува довербата на бизнисите и домаќинствата ќе биде клучно за одржување на овој моментум“, додаде Лекорнеј.
Но, политичките ризици ја поткопуваат довербата на бизнисите, домаќинствата и инвеститорите. Приватниот сектор се намали по 14-ти месец по ред во октомври, а распродажбата на обврзници ги зголемува трошоците за финансирање на Франција во однос на другите европски земји. Сепак, извештајот на „Insee“ вели дека деловните инвестиции се зголемиле за 0,9% во третиот квартал, што е најсилниот раст за повеќе од две години. Извозот скокна за 2,2%, а потрошувачката се зголеми за 0,1%, држејќи го чекорот со претходниот квартал.



