Некогаш пазарите беа симбол на евтината купопродажба, место каде што секој денар имал вредност. Денес, меѓу тезгите полни со домати, јаболка и зелка, луѓето сè почесто шепотат едно исто прашање: дали пазарите останаа народни, или веќе одамна се израмнија со супермаркетите по цените?
На Зелен пазар во Скопје, раздвиженоста е иста како секој викенд – гужва, викање, пазарење, мирис свежа пиперка и зелка што се меша со звукот од вагите. Но кога ќе погледнеш во цените, ентузијазмот брзо спласнува.
„Доматите по 80 денари, пиперките 100, а компирите што беа 30 сега се 60. Па каде е тоа поевтино?“, се чуди еден постар човек.
Доаѓам, да, ама повеќе од навика. Не можам да се навикнам да не одам, цел живот сум на пазар. Ама не е како порано, сега мораш да си калкулатор“.
Млада мајка што турка дете во количка вели дека одамна се префрлила на купување во маркети.
„Еве, само дојдов да видам дали ќе најдам нешто домашно. Искрено, не вреди. Цените исти, а немаш гаранција од каде е стоката. На маркет барем знаеш – стои декларација, тежина, потекло“.
Според агроекономистите, оваа слика не е изненадување. Последните години, пазарите полека го губат карактерот на „директна врска“ меѓу земјоделецот и потрошувачот.
„Повеќе од половина од тезгарите се препродавачи“, објаснува еден аналитичар за трговија. „Тие ја купуваат стоката од истите магацини и дистрибутери кои ги снабдуваат и маркетите. Затоа и нема простор за значителна разлика во цената“.
Но, и земјоделците се жалат на трошоците, транспортот и на закупот на тезги.
„Ако не ја кренам цената, не можам да вратам ни гориво“, вели човек што продава зеленчук од Росоман.
„Го носам со камион, плаќам патарини, место, па и половина ден ми оди додека распакувам и пакувам. А после, сите ме прашуваат зошто е скапо?“
На друг крај од пазарот, една постара жена ги реди доматите со внимателност.
„Дете, ова е домашно, верувај ми. Не можам да се натпреварувам со оние што купуваат на големо, ама имам свои муштерии. Ќе ти дадам попуст, не е проблем. Само да се вратиш пак“.
Купувачите велат дека пазарот не е само место за купување, туку и ритуал.
„Јас одам секоја сабота. Не толку поради цените, туку поради луѓето“, раскажува еден пензионер. „Си разговараме, се шегуваме, ќе се видиш со стари пријатели. Ама ако зборуваме за евтино, тоа беше пред десет години. Сега е само навика“.
Пазарот, според познавачите на малопродажбата, станал симбол на нешто друго – автентичност и традиција, не рационална економија.
„Пазарувањето таму е повеќе емоционален чин. Луѓето сакаат да веруваат дека купуваат нешто ‘вистинско’, нешто што не поминало низ индустриски синџир. Но економски, повеќе не е поевтино“, објаснува економски аналитичар.
Во меѓувреме, статистиката зборува јасно: растот на цените на овошјето и на зеленчукот во последните две години е меѓу највисоките во регионот, а домашното производство опаѓа.
И додека производителите се борат со трошоци, а потрошувачите со буџет, пазарите ја губат старата душа на „народна трпеза“.
„Сите бараме евтино, ама ништо не е евтино веќе“, вели еден купувач и го замотува празот во весник. „Сега само гледаш да не те излажат на мера. А за цена… што да ти кажам, сите сме во ист кош“.
Така, меѓу мирисот на свежа зелка и звукот на вагите, се појавува едно непишано правило: на пазар денес не одиш за поевтино, туку одиш за искуството. И за разговорот со продавачот што ќе ти каже: „Ај, земи, ќе ти го дадам по стара цена“.
Б.З.М.



