Цената на јајцата повторно се зголеми, и тоа вторпат за само десетина дена.
Во поевтините маркети, пакување од десет парчиња јајца сега чини 109 денари, додека минатата недела беше 99 денари.
Во поскапите продавници, истото тоа пакување достигнува и до 140 денари, а оние пакувања со шест јајца се продаваат за околу 75 денари.
На прв поглед не изгледа драматично, но кога ќе се пресмета зголемувањето од 10 отсто на производ кој се купува секојдневно, ударот врз семејниот буџет е повеќе од јасен.
Познавачите велат дека причините не се едноставни. Од една страна, птичјиот грип, кој повторно се шири во регионот, предизвикува превентивни затворања на фарми и намалување на производството.
Од друга, температурите се спуштија, а тоа, како што објаснуваат живинарите, природно го намалува бројот на јајца што ги носат кокошките.
„Во вакви услови, производството паѓа за околу 20 до 30 проценти. Кога има помалку јајца, цената логично расте“, вели еден производител кој со години е во овој бизнис.
Во маркетите веќе се чувствува таа промена. Рафтовите се полни, но цените се менуваат буквално преку ноќ.
Трговците велат дека набавните цени им растат речиси секоја недела и дека мора да ги прилагодат етикетите.
„Не сакаме ние да ги зголемуваме, ама немаме избор. Ако не ги следиме промените, ќе работиме со загуба“, објаснува еден менаџер во синџир супермаркети.
Сепак, вистинското прашање што се поставува е – што нè чека до Велигден?
Тоа е период кога традиционално побарувачката експлодира, а пазарот, како што велат аналитичарите, реагира на секој знак на нестабилност.
Ако птичјиот грип не стивне, а трошоците за сточна храна продолжат да растат, можеме да очекуваме уште еден бран на поскапување, можеби и до 20 отсто.
„Никој не сака да шпекулира, ама трендот не е добар. Ако не се стабилизира ситуацијата со снабдувањето, Велигден може да нѐ дочека со рекордни цени на јајцата“, предупредуваат агроекономистите.
Б.З.М.



