Рускиот производител на нафта „Лукоил“, кој е под санкции на САД, ја прифати понудата на кипарскиот трговец со енергија „Гунвор“ за купување на неговата компанија „Лукоил Интернешнл ГмбХ“ со седиште во Австрија.
„Лукоил Интернешнл ГмбХ“ ги поседува меѓународните средства на групацијата „Лукоил“. „Лукоил“ претходно објави планови за продажба на своите меѓународни операции откако беше погоден од санкциите на САД минатата недела.
„Гунвор“ достави понуда до „Лукоил Интернешнл“, која компанијата ја прифати, со обврска да не преговара со други потенцијални купувачи, се вели во соопштението на „Лукоил“. Договорот е предмет на одобрување од владата на САД.
„Лукоил Македонија ДООЕЛ“, ќерка компанија на Групацијата „ЛУКОИЛ“, во Македонија работи со мрежа од 40 бензински станици и еден нафтен склад.
На 22 октомври, американскиот претседател Доналд Трамп воведе санкции против Русија поради војната во Украина, кои се насочени кон нафтените компании Лукоил и Роснефт.
Според Лукоил, склучувањето на обврзувачки договор за трансакцијата со Гунвор е предмет на исполнување на претходните услови, вклучително и стекнување на лиценца OFAC од страна на купувачот, како и сите други релевантни лиценци, дозволи и одобренија во соодветните јурисдикции.
„Доколку е потребно, страните планираат да поднесат барање за продолжување на постојната лиценца OFAC и евентуално дополнителни лиценци, со цел да се обезбеди непречено функционирање на меѓународните фондови и нивните банкарски операции до завршувањето на трансакцијата“, се додава во соопштението.
Лукоил е најинтернационалниот од руските нафтени гиганти, со операции за истражување и производство во поранешните советски земји како што се Казахстан, Узбекистан и Азербејџан, како и Египет, Обединетите Арапски Емирати и западноафриканските земји Гана, Нигерија, Камерун и Конго.



