ПочетнаЕКОНОМИЈАПак ќе се работи во недела?

Пак ќе се работи во недела?

Се обновува старата дебата: дали неделата треба да биде ден за одмор или пак уште еден работен ден?!

Секогаш кога ќе дојде викендот, посебно неделата, прашањето повторно оживува меѓу бизнисмените, пазарџиите, но и граѓаните.

Дел од стопанските комори предупредуваат дека со воведувањето на неработна недела, економијата изгубила дел од својата динамика, а многу фирми, особено малите, се соочуваат со пад на прометот.

„Неделата е ден кога луѓето излегуваат, кога имаат време да купат нешто повеќе, да седнат на кафе, да ручаат во ресторан. А сега, кога сè е затворено, парите едноставно не циркулираат“, вели еден од познавачите на економските движења.

Според него, не се погодени само трговците, туку и државата, која губи дел од приходите од ДДВ и даноци, а на крај губат и самите работници, кои остануваат без можност да заработат двојна дневница.

На улиците, пак, муабетот е поедноставен. „Во недела нема каде сендвич да купиме“, се жалат граѓаните.

Многумина велат дека тоа не е само навика, туку потреба – посебно за семејствата кои неделата ја користат како ден за прошетка, излет или собир со роднини. А кога сите пекарници се затворени, дури и најмалиот комфор станува луксуз.

Бизнис заедницата е гласна: бара неделата повторно да биде работен ден, но со фер услови – двојна дневница за сите што ќе работат.

„Тоа е компромис што може да им одговара на сите – и на работниците, и на газдите, и на државата“, вели еден економски аналитичар, додавајќи дека моделот функционира во повеќе европски земји, каде што неделниот труд се плаќа повисоко, но не се забранува.

Од друга страна, синдикалците потсетуваат дека токму неделата е симбол на одмор и семеен мир.

„Ако ја укинеме неработната недела, ќе направиме чекор назад во работничките права“, коментираат тие, предупредувајќи дека и онака многу компании не ја почитуваат сегашната законска рамка, па дел од вработените веќе работат во недела, без надомест.

Парадоксално, во време кога границите се отворени, туристичките места долж западниот дел на Македонија губат дел од гостите од соседството -Албанија, Косово, Србија.

„Гостите доаѓаа баш во недела, да пазаруваат, да ручаат, да се прошетаат. Сега повеќето се откажуваат, бидејќи нема каде ни кафе да испијат“, раскажува угостител од Охрид.

Некои ќе речат: државата мора да избере помеѓу економија и социјална рамнотежа. Други ќе додадат дека токму неделата покажува колку сме способни да најдеме мера меѓу интересот и правото на одмор.

А можеби, вистината е некаде меѓу редовите, таму каде што луѓето во недела пак ќе можат да купат бурек – без да чувствуваат вина.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП