ПочетнаЕКОНОМИЈА„Огромен успех“: И Трамп и Си Џинпинг задоволни, еве што се договорија

„Огромен успех“: И Трамп и Си Џинпинг задоволни, еве што се договорија

Американскиот претседател Доналд Трамп денес се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг, опишувајќи го состанокот како огромен успех и велејќи дека ќе ги намали царините за Кина, бидејќи Пекинг се согласи да дозволи извоз на ретки минерали и да почне да купува американска соја.

Трамп се сретна со Си во воздухопловната база во Бусан, Јужна Кореја, каде што се одржуваше самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), и го опиша Си како „тежок преговарач“.

Трамп им рече на новинарите во претседателскиот авион дека САД ќе ги намалат царините воведени претходно оваа година за да ја казнат Кина за продажба на хемикалии што се користат за производство на фентанил, од 20 проценти на 10 проценти, со што комбинираните царини на Кина ќе се намалат од 57 проценти на 47 проценти.

„Мислам дека на скала од 0 до 10, каде што 10 е најдобро, би рекол дека состанокот бил 12“, рече Трамп.

Трамп објави дека ќе ја посети Кина во април следната година и дека Си ќе дојде во САД „некогаш потоа“.

Тој рече дека разговарале и за извоз на понапредни компјутерски чипови во Кина, додавајќи дека американската компанија за чипови „Нвидија“ ќе разговара со кинеските претставници.

Тој исто така рече дека би можел да потпише трговски договор со Кина „доста брзо“ и дека нема премногу преостанати проблеми.

И покрај оптимизмот на Трамп по 100-минутната средба со Си во Јужна Кореја, сè уште постојат тензии меѓу двете најголеми економии во светот, пишува агенцијата АП. Агенцијата посочува дека двете земји се стремат да добијат доминантна позиција во производството, развивајќи нови технологии како што е вештачката интелигенција и обликувајќи светски прашања како што е војната на Русија во Украина.

Двете страни сфаќаат дека не сакаат да ризикуваат да ја уништат светската економија на начин што би можел да ги загрози самите себе.

На почетокот на средбата, Си прочита подготвени изјави и ја нагласи својата желба да соработуваат и покрај нивните разлики.

Кина сè уште не го коментираше состанокот.

Службеници од двете земји се состанаа претходно оваа недела во Куала Лумпур за да ги постават темелите за средбата на лидерите. Потоа, главниот кинески преговарач за трговија Ли Ченганг изјави дека постигнале „прелиминарен консензус“ во изјава потврдена од американскиот секретар за финансии Скот Бесант.

Бесент во тоа време изјави дека постигнале „многу успешна рамка“.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП