ПочетнаТЕХНОЛОГИЈА„USB-C“ може да биде револуција за лаптопите, но не и за десктоп...

„USB-C“ може да биде револуција за лаптопите, но не и за десктоп компјутерите

„USB-C“ конекторот го револуционизираше светот на електрониката, од телефони до лаптопи. Сепак, истата приказна не важи за десктоп компјутерите. Повеќето корисници на десктоп компјутери признаваат дека ретко користат „USB-C“.

Кога се појави, „USB-C“ ветуваше решение за сите: еден универзален порт што пренесува видео, аудио, податоци, интернет и енергија, до 240 W. За лаптопите, тоа ветување навистина се оствари. Благодарение на „USB-C“ стандардите како „USB4“ и „Thunderbolt 5“, производителите успеаја да го намалат бројот на конектори, да ги направат уредите потенки, а воедно да ја задржат целата функционалност.

Зошто „USB-C“ нема исти придобивки за десктоп компјутерите

Лаптопите така станаа потенки и поедноставни, додека повеќето порти: „HDMI“, „VGA“, „DisplayPort“, „RJ45“ едноставно исчезнаа. Наместо тоа, корисниците денес користат адаптери и „USB-C“ хабови што нудат сите потребни врски во еден уред.

На десктоп компјутерите, ситуацијата е сосема поинаква. За разлика од лаптопите, десктоп компјутерите не страдаат од недостаток на простор, бидејќи просечната матична плоча лесно може да смести шест „USB-A“ порти, повеќе „Ethernet“ порти и видео излези. Нема потреба да се штеди простор, а повеќето периферни уреди (глувци, тастатури, камери) сè уште го користат класичниот „USB-A“ конектор.

Единствената вистинска предност на „USB-C“ стандардот на десктоп е брзината на пренос на податоци. „Thunderbolt 5“ овозможува до 120 GB/s во една насока, што може да биде корисно за брзи „SSD“ дискови. Сепак, ова е тесно специфичен случај на употреба.

Уште поголем проблем е конфузијата со стандардите. „USB-C“ портите можат да поддржат сè, од „USB 2.0“ (480 Mb/s и 15 W) до „Thunderbolt 5“ (120 Gb/s и 240 W). Иако сите кабли изгледаат исто, вистинската компатибилност зависи од специфичната верзија на портот и уредот, што создава повеќе проблеми за корисниците отколку што решава.

„USB-C“ требаше да го обедини светот на поврзувањето, но во пракса се случи спротивното. Наместо мноштво различни порти, сега постојат мноштво различни стандарди што го користат истиот конектор. За десктоп компјутерите, каде што просторот не е ограничување, традиционалниот пристап на повеќе јасно дефинирани порти останува наједноставното и најсигурното решение, заклучува „How-to-Geek“.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП