На македонскиот пазар сѐ почесто може да се забележат автомобили со словенечки таблици, кои само неколку дена подоцна добиваат наши регистарски ознаки и завршуваат во огласите со двојно повисока цена.
Токму таму, во Словенија, половните возила се вистински рудник за заработка.
Цитроен Ц3 Пикасо, што кај нас се продава за 5 до 6 илјади евра, таму чини околу 1.800 евра. Киа Сид, која овде достигнува и до 4.000 евра, во Љубљана може да се најде за само 1.000 евра. Фиат Пунто Мултиџет – кај нас 5.000, таму 2.200 евра. Овие бројки не се случајни, туку реалност која создаде цела нова генерација на препродавачи што во неколку дена знаат да заработат колку просечен Македонец за два месеца.
Еден битолчанец кој веќе три години редовно патува во Љубљана со своите двајца пријатели, раскажува дека за нив ова станало секојдневие.
„Стануваме во три наутро, стигнуваме до пладне, ги разгледуваме колите и за еден ден можеме да најдеме три добри примероци. Сѐ зависи дали има нешто повредно, дизел, автоматик, малку километри…“ – вели тој.
Возилата ги симнуваат со возење до Македонија, секое посебно. Понекогаш тоа значи да се помине цела ноќ на пат, со неколку часови одмор на некоја бензинска во Србија или пред царина.
„Не е лесно, ама вреди. Со сите трошоци – царина, регистрација, ситни поправки – остануваат чисти околу илјада евра по возило“, додава тој.
Познавачите на автомобилскиот пазар потврдуваат дека вакви примери има многу.
Особено по отворањето на европските огласи кон јавноста, преку кои секој со малку познавање на јазици и документи може да најде возило во добра состојба.
„Словенците имаат повисоки стандарди за одржување и редовен сервис. Плус, таму пазарот е заситен, па возилата се продаваат по реална, дури и ниска цена. Кај нас, кога ќе се донесе колата, се прави мала козметика, чистење, полирање, и ете ти – готов производ за продажба“, објаснува еден експерт за автомобилски пазар.
Ако се направи едноставна математика, заработката не е за потценување. Со пет патувања годишно и по три возила секојпат, тоа се вкупно 15 автомобили. На по илјада евра профит од секој – чисти 15.000 евра годишно. Без фирма, без сметки, без огласи. Само добри врски, малку храброст и многу километри зад волан.
„Не е ова работа за секого“, признава битолчанецот, „ама за нас тројца, што го сакаме патот и што се разбираме од коли, е идеално. Гледаш дел од Словенија, малку шеташ, и пак се враќаш со нешто што знаеш дека ќе се продаде“.
Тој вели дека во Македонија има голема побарувачка за вакви „увезени“ автомобили.
„Овие се со историја, сервисни, документи, се знае што е купено. Не е како овде кога ќе ти речат – прва боја, а колата е бојадисувана три пати“.
Иако не постои официјална статистика за бројот на возила што се внесуваат на ваков начин, неофицијалните проценки покажуваат дека токму ваквите приватни набавки стануваат сѐ поголем дел од пазарот.
Некои аналитичари дури тврдат дека овој тренд има и позитивен ефект, а тоа е освежување на домашниот возен парк со понови и подобро одржувани возила, кои инаку би биле недостапни поради високите цени.
Б.З.М.



