Врнежите што последниве денови ја зафатија земјава, иако на некои места предизвикаа проблеми во сообраќајот и локални поплави, за земјоделците се повеќе благослов отколку мака.
По долгиот и сув период во септември и почетокот на октомври, овие дождови дојдоа токму во вистински момент – пред есенската сеидба и подготовката на ораниците.
„Ова е спас за нивите. Минатата година во исто време едвај чекавме дожд, земјата беше тврда како бетон. Сега конечно може да се ора и да се сеат житните култури“, вели Трајче Велков од Свети Николе, земјоделец кој обработува над 20 хектари пченица и јачмен.
Од Управата за хидрометеоролошки работи потврдуваат дека наврнатите количества се рамномерно распределени и дека влагата во површинскиот слој е во пораст, што создава идеални услови за почеток на есенската агросезона.
„Ако ваквото време потрае уште неколку дена, земјоделците ќе можат навреме да ги завршат сеидбите, а тоа значи и подобри приноси напролет,“ брифираат упатените.
Агрономите велат дека земјата конечно „вдишува“. После летото со високи температури и дефицит на врнежи, почвата била премногу сува, што го отежнувало орањето и ја намалувало апсорпцијата на хранливи материи.
„Дождот ја омекна структурата, а влагата ќе го поттикне ’ртењето на семето. Особено е важно што температурите сè уште се поволни, нема мразови, што е идеална комбинација“, објаснуваат агрономите.
Некои земјоделци дури велат дека оваа есен делува „старата школа“, како во минатото кога сеидбата почнувала без брзање и со поддршка од природата.
„Нема потреба од преголема механизација или полевање, сè си оди како што треба“, вели Милена од Битолско, која годинава повторно сее пченица по три години пауза.
Иако прогнозите укажуваат дека следната недела ќе има краток прекин на врнежите, експертите очекуваат нов влажен бран во почетокот на ноември – што дополнително би ја стабилизирало влагата во длабочинските слоеви на земјата.
Со други зборови, дождот што можеби им ја расипа неделната прошетка на граѓаните, за земјоделците е знак дека природата конечно им се насмевна.
И кога ќе се види колку жедна беше почвата до пред десетина дена, никој нема да се пожали ако небото „се отвори“ уште неколку пати…
Б.З.М.



