Оваа зима почна нервозно за многу домаќинства кои се греат на пелети. Дел од граѓаните, надевајќи се дека цените ќе паднат или дека ќе „поминат поевтино“, чекаа до последен момент за да набават огрев.
Но наместо попуст, ги дочека празен магацин и паника. Побарувачката нагло скокна, а понудата се стопи – како снег на сонце.
Од магацините низ земјава велат дека ваква навала одамна немало.
Камионите со пелети пристигнуваат, ама не стигнуваат ни да се истоварат, сè се продава однапред.
„Луѓето се јавуваат секој ден, бараат, резервираат, ние едноставно немаме што да им понудиме“, вели еден од трговците.
Тој додава дека ситуацијата не е само поради зголемената побарувачка, туку и поради тоа што оваа година увозот речиси целосно запрел.
Традиционалните пазари како Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина се исцрпени. Од таму, објаснуваат поголемите увозници, нема што да се донесе, бидејќи дел од фабриките престанале со работа.
„Цената не се промени две години, а трошоците пораснаа. Луѓето таму веќе не можат да произведуваат со загуба, многу погони се затворија. Тоа се одрази и кај нас“, посочуваат соговорниците.
Во Македонија, пак, постои само една поголема фабрика за пелети – онаа во кумановско Ранковце – и уште неколку помали производители. Но нивниот капацитет очигледно е далеку од доволен.
Растот на цената е уште една грижа за граѓаните. Ако минатата година и онаа пред неа една вреќа од 15 килограми чинеше меѓу 245 и 260 денари, сега чини околу 330 денари. И тоа, според експертите, не е крајот.
„Цената ќе продолжи да расте, бидејќи растат и трошоците за суровини, транспорт и енергија“, предупредуваат познавачите.
Парадоксално, и тие суровини се увозни – што дополнително го прави производот поскап и нестабилен на пазарот.
„Сè се врти во круг – нема доволно производство дома, нема увоз, а побарувачката расте. И тоа секоја година е исто сценарио“, велат економските аналитичари. „Граѓаните ќе се навикнат, ама џебот не“.
Многумина, пак, стравуваат дека оваа криза со пелетите ќе ги натера повторно да се вратат на други, помалку ефикасни и поскапи извори на греење. А зимата само што почнува.
Б.З.М.



