Инфлацијата повторно се движи нагоре, иако економските показатели не го оправдуваат нејзиниот раст. Цените на суровините на светските берзи се во пад, електричната енергија се стабилизира, а платите речиси и да не се зголемуваат. Сепак, цените во маркетите и натаму растат. Животот е скап, а објаснувањето: никако не стигнуваат пари до крајот на месецот.
Според последните податоци на Државниот завод за статистика, годишната инфлација во септември изнесуваше 4,0 проценти. Тоа е речиси двојно повеќе од просекот на Европската Унија.
Економистите објаснуваат дека ваквото ниво на инфлација не произлегува од реална домашна причина.
„Во голем дел, се работи за увезена инфлација“, вели еден економски аналитичар. „Повеќето производи на пазарот се увозни, па кога цените се менуваат во странство, тоа веднаш се пренесува и кај нас. Иако сега цените на некои суровини се стабилизирани, трговците сè уште не ја прилагодиле малопродажната цена надолу“.
Според економските експерти, постои и одредена инерција во пазарното однесување.
„Инфлацијата се однесува како инерцијален бран. Дури и кога условите ќе се подобрат, цените не се намалуваат веднаш. Делумно поради пазарната психоза, а делумно и затоа што трговците го тестираат прагот на отпорност на купувачите“, вели еден универзитетски професор по економија.
Од бизнис-заедницата пристигнуваат и предупредувања дека претераната државна интервенција би можела да има контраефект.
„Мерките за контрола на цените се добри краткорочно, но ако траат подолго, можат да го уништат приватниот сектор“, велат претставници на трговијата. „Замрзнувањето на цените или субвенциите не се долгорочно решение. Економијата мора да функционира на пазарни принципи“.
Сепак, можни се краткорочни чекори за стабилизација. Според економистите, Владата може да ја зголеми понудата на пазарот преку активирање на стоковите резерви, особено за производи од прва потреба — брашно, масло, шеќер, ориз и млеко.
Тоа би довело до природно намалување на цените, но не и до трајна стабилност.
„Државната интервенција може само привремено да го смири пазарот. За долгорочно решение потребно е да се зајакне домашното производство“, сметаат експертите.
Проблемот, велат тие, е во структурата на економијата. Македонија увезува над 70 проценти од прехранбените производи, а во одредени категории како овошје, зеленчук и месо, зависноста од увоз достигнува и до 90 проценти. Тоа значи дека секој потрес на странските пазари, колку и да е мал, директно влијае на домашните цени.
„Без посилно домашно производство, нема стабилни цени“, појаснуваат економистите. „Не може да се очекува ниска инфлација кога најголемиот дел од потрошувачката кошница зависи од увоз. Секое зголемување на цените во странство веднаш го плаќаме и ние“.
Во меѓувреме, граѓаните секојдневно го чувствуваат товарот на овие бројки. Иако статистиката покажува забавување на инфлацијата во однос на минатата година, реалноста во продавниците кажува друго.
„И кога струјата поевтинува, и кога горивото се стабилизира, цените не се враќаат назад. Тоа е најдобриот показател дека пазарот не реагира рационално“, велат аналитичарите.
Б.З.М.



