„Станав во шест, го нахранив малиот, направив кафе и седнав да одговорам на мејлови. До девет завршив половина проект. До десет, веќе имав подготвено супа“.
Така отприлика изгледа работниот ден на многу мајки-фриленсери во Македонија — жени што решија да ја променат дефиницијата на „работа“.
Наместо канцеларија под неонски светла и шеф што мери минути, нивното работно место е домот.
Со дете во креветче, лаптоп на маса и неколку клиенти распослани низ различни временски зони. Новата генерација на мајки не бега од работа – само ја премести таму каде што може да биде и мајка, и професионалка, без да се извинува за тоа.
„Кога се роди моето прво дете, сфатив дека нема шанси да се вратам на осум часа во канцеларија“, раскажува Елена, преведувачка од Скопје. „Сè беше премногу: градинка, температури, стрес, доцнења… Се фатив за фриленс како за сламка. И денес? Не би се вратила назад ни за двојна плата“.
Овие жени ја менуваат логиката на вработувањето. Работат како виртуелни асистентки, копирајтерки, дизајнерки, онлајн наставнички или специјалистки за маркетинг – без да ја напуштат својата дневна соба.
„Нема шеф над глава, ама има рокови, непредвидливи клиенти, и она чувство дека си постојано во трка со времето. Но барем трчам дома“, вели Билјана, мајка на две деца и фриленсерка во дигитален маркетинг.
Во Македонија, иако нема официјална статистика за бројот на фриленсери, трендот е повеќе од очигледен.
Според податоците на меѓународните платформи за хонорарна работа, бројот на жени што работат на овој начин постојано расте. Европските податоци покажуваат дека околу 35–38 проценти од сите фриленсери се жени, а на Балканот уделот е уште поголем — дури 38,3 проценти.
Во Македонија, според податоците, 19,7 проценти од сите самовработени лица се жени, што е раст во однос на претходните години. Сепак, разликата во заработката е значителна – жените фриленсери во земјава во просек заработуваат околу 85% од приходот на своите машки колеги.
„Тоа не е само бројка, туку реален показател за тоа како се гледа на женската работа“, велат економистите. „Кај нас сè уште има предрасуда дека мајка што работи од дома — не работи сериозно. А тие жени се многу често поодговорни, поснаодливи и поработливи од многу менаџери со фиксна плата“.
И сè тоа без класични привилегии. Нема боледување, нема платено породилно, нема сигурен месечен приход.
„Понекогаш работам до три наутро, понекогаш седам недела дена без проект. Слободата е убава, ама скапо ја плаќаш“, раскажува Ана, дизајнерка која веќе пет години работи со странски клиенти. „Сепак, кога ќе го видам син ми како ме прегрнува додека испраќам последен фајл – мислам, вреди секоја минута“.
Во Европа, институциите веќе се обидуваат да одговорат на оваа нова реалност. Во Шпанија, на пример, државата воведе даночна олеснителна мерка од 1.200 евра годишно за секое дете под три години – без разлика дали мајката е вработена или самовработена. Во Чешка, пак, фриленсерките можат да добијат породилно отсуство ако ги исполнуваат условите за социјално осигурување.
А кај нас? Ниту јасна дефиниција, ниту даночен модел што го препознава фриленсот како одржлива работа.
„Овие жени живеат меѓу две категории – не се класични вработени, ама не се ни невработени. И токму затоа државата не знае што да прави со нив“, додаваат упатените.
И покрај тоа, мајките-фриленсери не се жалат. Тие не чекаат закони, туку решенија. Формираат онлајн групи, си помагаат меѓусебно, споделуваат клиенти, совети, па дури и мотивација.
„Кога некоја ќе каже дека прифатила нова понуда, сите се радуваме како да е наша победа“, вели Марија, копирајтерка од Скопје.
Тивко, без протести и гласни барања, овие жени создаваат нова економска категорија во која домот е канцеларија, а животот е непрекината смена меѓу мајчинство и професија.
И некако, сето тоа функционира. Без шаблон, без распоред, без претстава за „совршен баланс“ — само со реалност која, иако понекогаш исцрпува, е нивен избор.
Можеби токму тие — мајките што избраа фриленс — се најреалниот симбол на тоа како изгледа модерната работничка жена: самостојна, флексибилна, но и… постојано на граница помеѓу хаос и контрола.
Б.З.М.



