Во 2024-та година, земјите-членки на ЕУ произведоа 6 милиони тони тестенини во вредност од 9,1 милијарди евра. Во споредба со 2023-та година, вредноста на произведените тестенини се зголеми за 3%, додека нивниот обем се намали за 5%, според податоците од европскиот завод за статистика Евростат.
Над две третини (69%) од вкупните тестенини се произведени во Италија, што е еднакво на 4,1 милиони тони. На второ место е Шпанија со 6%, или 367 илјади тони, по што следува Германија со 5% и 290 илјади тони.
Производство на тестенини во ЕУ во 2024-та година, обем во тони и процент од вкупниот износ во унијата. Графикон: Евростат
Над половина од извозот на тестенини е во рамките на ЕУ
Во 2024-та година, земјите-членки на ЕУ извезоа 2,9 милиони тони тестенини и увезоа 1,7 милиони тони.
Италија повторно е лидер со 2,2 милиони тони тестенини, или над три четвртини од целиот извоз (77%). Шпанија е втор најголем извозник со 131 илјада тони, или 5% од вкупниот извоз.

Најголемиот дел од извозот на тестенини (55%) беше наменет за други земји-членки на ЕУ, а преостанатите 45% одеа кон дестинации надвор од ЕУ.
Водечките извозни дестинации надвор од ЕУ се Велика Британија и САД, кои сочинуваат 25% и 23% од целиот извоз на тестенини надвор од ЕУ, соодветно.
Во однос на увозот, Германија е водечки увозник на тестенини меѓу земјите-членки на ЕУ со 468.000 тони, или 28% од целиот увоз, пред Франција со 372.000 тони и 22% од вкупниот извоз.
Податоците беа објавени по повод Светскиот ден на тестенините, кој беше прославен на 25 октомври.



