ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ подготвува план за намалување на зависноста од кинеските ретки земни метали

ЕУ подготвува план за намалување на зависноста од кинеските ретки земни метали

Европската унија ги испитува сите опции за намалување на зависноста од кинеските ретки земни елементи и материјали за батерии, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на конференцијата „Глобален дијалог“ во Берлин, цитирана од „Reuters“.

„Во последните недели и месеци, Кина драматично ги заостри контролите врз извозот на ретки земни елементи и материјали за батерии, што претставува значителен ризик“, рече фон дер Лајен.

Таа посочи дека на краток рок, Брисел е фокусиран на наоѓање решенија преку дијалог со кинеските партнери, но нагласи дека ЕУ подготвува нов план за ограничување на зависноста од кинеските суровини од стратешко значење.

Според неа, иницијативата, наречена „RESourceEU“, ќе биде слична на шемата „REPowerEU“, воведена по почетокот на војната во Украина за намалување на зависноста од руските енергетски резерви. Новиот план ќе опфати заедничко купување, складирање и зголемени инвестиции во стратешки проекти за екстракција и преработка на критични суровини во рамките на Европската Унија.

Фон дер Лајен изјави дека ЕУ ќе се стреми да ги забрза партнерствата за екстракција на критични суровини со земји како Австралија, Канада, Чиле, Гренланд, Казахстан, Узбекистан и Украина. Планот, исто така, предвидува засилување на напорите за рециклирање на критични материјали во производите што се продаваат во Европа.

„Целта е да се обезбеди пристап до алтернативни извори на критични суровини на краток, среден и долг рок за нашите европски индустрии“, рече таа.

На 9-ти октомври, Кина воведе нови ограничувања за извоз на ретки земни елементи и материјали за батерии, мерка за која западните аналитичари велат дека е одговор на царините наметнати од Соединетите Американски Држави.

Фон дер Лајен предупреди дека овие ограничувања имаат силно влијание и врз европската економија, особено врз стратешките сектори како што се автомобилската индустрија, одбраната, воздухопловството, производството на чипови за вештачка интелигенција и центрите за податоци.

„Ако земете предвид дека над 90 проценти од нашата потрошувачка на ретки земни магнети доаѓа од Кина, ги гледате ризиците за Европа и нејзините клучни индустрии. На краток рок, ние сме фокусирани на наоѓање решенија со нашите кинески партнери, но сме подготвени да ги искористиме сите алатки што ни се на располагање за да реагираме доколку е потребно“, рече Лагард.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП