ПочетнаЕКОНОМИЈАЏабе ни е политичка стабилност ако немаме економска сигурност

Џабе ни е политичка стабилност ако немаме економска сигурност

Во момент кога владејачката партија има апсолутна власт во државата, повеќе не постои простор за оправдувања. Сè е во нивни раце – парламентот, владата, институциите, јавните претпријатија. Па затоа, следниот период ќе биде вистинскиот тест – дали ќе успеат да ја стабилизираат економијата и да го подобрат стандардот на граѓаните, или повторно ќе слушаме дека „светските кризи“ се виновни за сè.

Светска банка неодамна објави прогноза според која Македонија е ставена на дното во регионот по очекуван економски раст за следните две години.

Според неа, земјава ќе има најслаб раст во Југоисточна Европа – едвај над еден процент годишно, во време кога соседните економии би требало да напредуваат двојно или тројно побрзо. Таквата прогноза не е само бројка на хартија, туку предупредување дека нешто во домашната економска политика не функционира доволно ефикасно.

Економистот Бојан Краљев за ваквите проценки вели дека не треба да се сфаќаат само како критика, туку како реалност која бара итен одговор.

„Имаме премногу административни бариери, недостиг на капитални инвестиции и нефункционален систем кој не ја поддржува домашната продукција. Повеќе од половина од буџетот се троши на тековни трошоци наместо на развој. Со таков пристап, економскиот раст едноставно нема од каде да дојде“, вели тој.

Краљев смета дека Владата мора да престане со, како што вели, „козметички мерки“ и да се фокусира на вистински структурни промени.

„Не можете да зборувате за економски раст додека јавниот долг расте, додека се зголемува бројот на луѓе што работат во администрација, а приватниот сектор се гуши во даноци и нелојална конкуренција. Економијата не се води со пароли, туку со визија и храброст да се направат непопуларни потези“, додава тој.

Проблемот, според него, не е во тоа што нема идеи, туку што нема спроведување.

Македонија, вели, има потенцијал во земјоделството, во енергетиката, па и во ИТ секторот, но сите тие гранки се оставени на самите себе.

„Младите заминуваат затоа што не гледаат перспектива. Секој што има малку талент или знаење, гледа шанса надвор. Тоа е трагедија, затоа што токму тие треба да го влечат растот. А ние… само ги испраќаме со билет во еден правец“, забележува Краљев.

Дали државата има капацитет да ги побие прогнозите на Светска банка? Тој е внимателен во одговорот.

„Може, но само ако конечно се напушти политичкиот популизам и се премине кон прагматизам. Ако почнеме да ги менуваме приоритетите. Прво работа, па политика – а не обратно“, подвлекува.

И навистина, по повеќе од една деценија на постојани ветувања за „економски бум“, граѓаните сè помалку веруваат во бројки, а сè повеќе во тоа што го чувствуваат во џебот.

Цените растат, платите заостануваат, а зборовите „инвестициска клима“ одамна изгубија смисла во земја во која и најмалиот инвеститор се соочува со бирократски лавиринти.

Она што останува како отворено прашање е – дали новата политичка стабилност ќе донесе економска сигурност? Или ќе продолжи истата приказна, само со други актери.

Краљев предупредува: „Времето за изговори заврши. Сега е време за резултати. А тие нема да се постигнат ако само се зборува за реформи, а никој не ги спроведува“.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП