Домашните компании од градежниот сектор кои се добро познати на странските пазари подолг период не се „прв играч“ на македонските градилишта. Во странство добри, дома некапацитетни. Ваква е судбината веќе со години на градежниот сектор во земјава. Главните капитални проекти ги добиваат странски компании или коорпорации, а помалите работи ги извршуваат домашните фирми и тоа како подизведувачи. Бизнисмените од овој сектор го креваат гласот и упатуваат барање до властите, домашните градежни компании да бидат во прв план за реализација на големите државни проекти.
Од Здружението за градежништво при Стопанската комора велат дека општествената улога за еден поединец е најважна за создавање здрава и стабилна држава. Затоа тие сметаат дека при организирање и дејствување може да се овозможи компаниите да дејствуваат, да помагаат и да придонесуваат во општеството во кое живеат. Потребно е да се направат напор и македонските градежните компании да излезат надвор од домашниот пазар. А тогаш може да се случи само со заеднички планови помеѓу власта и бизнисот.
„Прво, треба да се подобри бизнис-климата преку создавање подобри услови за работа на македонските компании; второ, да се зголемат капацитетите на компаниите со обезбедување стручен кадар, и трето, државата да обезбеди поголема поддршка за домашните градежни компании со вклучување во активностите на капиталните проекти по реални и фер цени. Само така компаниите ќе ги зацврстат своите позиции во домашната економија и ќе се здобијат со референци за настап на странските пазари, што ќе придонесе за подобар стандард на вработените“, велат од Здружението на градежништво.
Според градежниот сектор македонските компании треба да бидат главни изведувачи во големите инфраструктурни проекти, а не подизведувачи на странските компании, бидејќи тие реално изведуваат повеќе од 50 % од работите. За градежниците, најголеми проблеми во дејноста се поврзани со непрофесионалноста на јавната администрација и неефикасниот систем на јавни набавки.
„Мора да се направи промена на системот на јавни набавки, со која градежништвото ќе стане препознатлив сектор, и да се овозможи фер конкуренција. Не може сите компании да се третираат подеднакво бидејќи различни се големината, обемот и вредноста на вложувањата. Потребен е нов систем при оценувањето на јавните набавки, кој нема да се заснова исклучиво на најниската цена и на брзината на изведбата, туку, пред сѐ, на квалитетот на материјалите, препознатливоста на компанијата и на реалното време потребно за реализација на проектите“, додаваат градежниците.
На терен градежниците велат дека праксата покажала дека изборот според најниската цена резултира со употреба на неквалитетни материјали и со слаба изведба. Дополнителен проблем во секторот е и намалувањето на бројот на големите градежни компании, што, според него, влијае врз опаѓањето на квалитетот во секторот.
Тоа што во моментов загрижува е недостигот од стручен кадар и за растот на цените на недвижностите. Податоците велат дека интересот за градежништвото опаѓа, што резултира со намален број на студенти кои се запишуваат на Градежниот факултет. Затоа од фелата велат дека потребна е поголема промоција на овој сектор преку промовирање на проектите кои оставиле белег во историјата, за да можат младите да ја препознаат оваа професија како предизвикувачка и значајна.
И.П



