ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонецот е продуктивен до болка, а платен до солзи

Македонецот е продуктивен до болка, а платен до солзи

Македонскиот работник сè почесто станува пример за тоа како упорноста и трудот не секогаш се вреднуваат соодветно. Иако по продуктивност, според повеќе економски анализи, веќе одамна не заостанува зад просекот на Европската Унија, неговата плата е драстично пониска.

Во некои случаи, дури трипати помала од онаа што ја зема европскиот колега кој ја извршува истата работа, во слични услови, со сличен интензитет и рокови. Парадокс, ќе рече некој, ама реалност.

„Не може да зборуваме за ниска продуктивност кога имаме луѓе кои буквално ја носат фирмата на грб“, велат економистите.

Македонецот работи под притисок, често со минимални ресурси, без дополнителна мотивација, но резултатот е таму. Во некои сектори, особено индустриските, продуктивноста по вработен е повисока дури и од некои земји членки на ЕУ. Проблемот е што системот не го наградува тоа“.

Додека во Германија или во Австрија просечниот работник заработува околу 3.000 евра, во Македонија истиот тој труд, истата вештина и истото темпо носат плата од околу 700 евра – во најдобар случај. И тоа ако има среќа да работи во странска фабрика со европски капитал, каде што се почитуваат барем дел од стандардите. Во локалните компании, често и помалку.

„Зборуваме за луѓе што одат на работа без ден одмор, што прават и по 10-12 часа дневно, а на крај не можат да покријат ни трошоци за месецот“, забележуваат експертите. „Сè повеќе станува јасно дека не станува збор за мрзеливост, туку за систем кој не го вреднува трудот“.

Ако се погледне статистиката, Македонија има продуктивност по работник која, во одредени индустрии, достигнува до 70% од европскиот просек.

Но, платите се само околу 30% од оние во земјите од ЕУ. Таа разлика ја јаде целата мотивација, а создава чувство на понижување. Многумина веќе и не гледаат перспектива.

„Секој втор млад човек размислува да си оди. Не затоа што не сака да работи тука, туку затоа што не може да преживее од тоа што го заработува“, вели еден текстилен работник од Штип, кој не сакаше да биде именуван. „Работам веќе осум години, имам две деца, а кога ќе ги соберам сметките, останувам со ништо. А производите што ги правиме се продаваат во странство за десет пати повисока цена“.

Проблемот е подлабок – не е само економски, туку и културен. Во држава каде што се наградуваат лојалноста, партиската книшка и молкот, а не способноста и резултатите, тешко е да се гради култура на труд што носи вредност. Затоа и најспособните си заминуваат.

„Ако им дадете на луѓето фер услови, тие ќе направат чуда. Се гледа тоа и по нашите печалбари. Во Германија или во Швајцарија, нашинците се меѓу највредните, најпрецизните, најпочитуваните работници. Зошто? Затоа што таму има систем кој го вреднува секој час труд“, нагласуваат аналитичарите.

И додека државата се фали со стабилни макроекономски показатели, реалноста на терен е сосема поинаква. Празни производни хали, уморни лица и желба за билет во еден правец. Европскиот сон станува реалност само надвор од границите.

Но, сепак, и покрај сè, нешто ги држи луѓето тука. Можеби навиката, можеби семејството, можеби надежта дека ќе дојде време кога трудот ќе се цени.

И дека продуктивноста конечно ќе биде платена онака како што заслужува. Или барем приближно.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП