Холандсата пиварница „Heineken“ предупреди дека продажбата на пиво во 2025-та година ќе се намали, бидејќи макроекономските предизвици се влошуваат, објави Ројтерс. Компанијата дополнително ги намали своите прогнози за обемот откако беше принудена да направи сличен потег во претходниот квартал.
Вториот најголем пивар во светот и неговите конкуренти со години се мачат да се опорават од бавниот раст на обемот. Додека пиварите во голема мера ги компензираа падовите со зголемување на цените, инвеститорите се повеќе се фокусираат на обемот на продадено пиво.
Акциите на „Heineken“ паднаа за повеќе од 8% во јули, откако компанијата предупреди дека нејзините годишни количини ќе останат релативно стабилни, наместо да растат. Во среда, компанијата соопшти дека очекува обемот „малку да се намали“ во 2025-та година.
Годишниот органски оперативен профит, исто така, ќе биде на долниот крај од опсегот од 4% до 8%, велат од пиварница. Аналитичарите веќе го очекуваа тоа, според консензусните проценки составени од компанијата.
Главниот извршен директор Долф ван ден Бринк рече дека макроекономската нестабилност станала поизразена во третиот квартал.
„Очекуваме побарувачката да се опорави со нормализирањето на условите“, рече тој во соопштението.
Продажбата на „Heineken“ во третиот квартал беше погодена од особено слабата побарувачка за неговите пива во Латинска Америка и Европа. Расположението на потрошувачите е разнишано од трговските тензии на клучните пазари како што е Бразил, а „Heineken“ изгуби пазарен удел во Европа по ценовниот спор со трговците на мало.
Компанијата објави пад од 0,3% на нето добивката во третиот квартал, што малку ги надмина очекувањата на аналитичарите за пад од 0,8%.
Поради тешката средина во индустријата, производителот на пиво претходно објави планови за реконструкција на своето седиште во Амстердам почнувајќи од следната година, што се очекува да влијае на 400 работни места. Акциите на компанијата пораснаа за 2,1% од почетокот на годината, забележува „Bloomberg“.



