„Chery“ е уште еден производител на автомобили што се одлучи за батерии во цврста состојба (со цврст електролит), претставувајќи прототип што треба да овозможи реален дострел на електрични возила од 1.300 километри.
Нема да мора да чекаме предолго за да ја видиме оваа технологија во употреба, бидејќи пробното производство е закажано за следната година, додека целосното производство се очекува во 2027-ма година.
Развиена преку Институтот за истражување на батерии во цврста состојба на „Chery“, новата батерија користи полимеризиран систем од цврст електролит во комбинација со катода богата со литиум-манган.
Компанијата тврди дека има густина на енергија од импресивни 600 Wh/kg, што е околу двојно повеќе од она што го нудат најнапредните конвенционални батерии од Кина во моментов.
Батеријата во цврста состојба на „Chery“ е исто така, наводно, многу побезбедна од традиционалните батерии, бидејќи продолжува да функционира нормално дури и откако ќе биде прободена со шајки или дупчалка.
Од „Chery“ не прецизираа колку брзо ќе се полни неговата најсовремена батерија, но се очекува да биде побрза од традиционалните „LFP“ и „NMC“ батерии што моментално најчесто се користат кај електричните автомобили.
Детали за новата батерија беа презентирани за време на самитот на кој „Chery“ откри дека продал повеќе од 2 милиони автомобили, додека продажбата во Европа се зголемила повеќе од двојно на 145.000 возила.
Групацијата „Chery“, исто така, го задржа својот статус на најпродаван кинески бренд за автомобили на странските пазари 22-ра година по ред.
Главниот конкурент, „BYD“, исто така интензивно работи на развој на сопствени батерии во цврста состојба. Порано оваа година, „BYD“ објави дека неговите батерии во цврста состојба ќе бидат подготвени за електрични возила од средна и висока класа до 2027-ма година, пред да бидат воведени во попристапни модели помеѓу 2030-та и 2032-ра година.
„BYD“ сè уште не објави многу технички детали за своите батерии, но нема сомнение дека ќе сака да се натпреварува со својот домашен конкурент.



