ПочетнаЕКОНОМИЈАКаде заглави градскиот воз на скопјани?

Каде заглави градскиот воз на скопјани?

Поминаа повеќе од триесет дена откако Министерството за транспорт објави дека постапката за градскиот воз е завршена, но – ништо не се случува.

Нема механизација, нема работници, нема ниту еден знак дека наскоро ќе стартува изградбата на првата линија што, според најавите, требаше да го поврзе Зелениково со новата железничка станица во центарот на Скопје.

Сега сме веќе крај на октомври. Остануваат два месеци до крајот на годината, а ветувањето на министерот Александар Николоски дека „веќе оваа година ќе имаме функционален градски воз на една третина од Скопје“ сè повеќе звучи како една од оние добронамерни, но нереални амбиции што ќе се протегнат и во 2026-та.

Проектот, кој од јавноста беше поздравен како нешто што конечно ќе го намали сообраќајниот хаос во главниот град, сега е – заглавен некаде меѓу институционални процедури, договори и чекања.

Од Министерството, неофицијално, велат дека се чека на конечна потврда од изведувачот и на техничка ревизија на проектот, по што би следел почеток на градежните активности. Но, без конкретен датум.

Во септември, Николоски изјави дека првата линија ќе минува низ Зелениково, Драчево, Ново Лисиче, Кисела Вода, Аеродром и ќе завршува на новата железничка станица – а веќе следната година ќе почне и изградбата на другите две линии, кои ќе се поврзат со автобускиот систем на ЈСП.

На хартија звучи совршено. Но, во реалноста… сè уште сме на почеток.

Експертите се воздржани. Дел од нив предупредуваат дека ваков проект, дури и со подготвена документација, не може да се реализира за неколку месеци.

„Се работи за комплицирана инфраструктура која бара сериозна координација меѓу повеќе институции – од железници, до урбанисти, комунални служби и сообраќајна полиција“, велат познавачите.

И тие самите не веруваат дека е можно до крајот на годината да има воз што ќе се движи по нова траса.

Граѓаните, пак, со доза на скепса. Дел велат дека повеќе не веруваат во рокови, бидејќи „и автобусите не се на време, а не па воз“.

Други се надеваат дека барем овојпат нешто ќе се помести, макар и делумно.

„Да го видам првиот воз што минува низ Драчево, ќе речам – конечно“, вели Горан, пензионер што секој ден патува до центарот. „Ама досега само слушаме“.

Од Министерството најавуваат дека јавноста наскоро ќе добие ново соопштение со детали околу стартот на градежните активности.
До тогаш, прашањето останува да виси: каде точно заглави градскиот воз на Скопје?

И дали оваа година навистина ќе видиме нешто што ќе се движи по шините, или пак ќе добиеме уште една слика на прес-конференција со ветување дека „работите се во тек“..

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП