ПочетнаЕКОНОМИЈАДржавата ја гаси музиката – ноќниот живот е очаен, а што нѐ...

Државата ја гаси музиката – ноќниот живот е очаен, а што нѐ чека по Нова година?

По смртоносната трагедија во кочанската дискотека „Пулс“, каде што млади животи згаснаа во хаос од пламен и паника, македонската ноќна сцена како да западна во длабока тишина.

Страв, бирократија и недоверба ја заменија музиката, светлата и полните подиуми.

Според најновите податоци од Регистарот на лиценци за барови, ноќни клубови и дискотеки на Министерството за економија и труд, во целата земја во моментов има помалку од десет активни дискоклубови со важечка дозвола за работа.

Да, десет – бројка што во земја со два милиона жители звучи речиси апсурдно.

Она што е уште поразително е што по кочанската трагедија, само еден угостител се осмелил да побара лиценца за работа.

Барањето било поднесено во април, но Министерството го одбило. Причините формални – недоволно исполнети технички и безбедносни услови.

Но меѓу редови, сите знаат дека државата сега гледа под лупа, со очи широко отворени по трагедијата што ја потресе јавноста.

„Проблемот не е само во сопствениците, туку и во системот“, вели еден долгогодишен угостител од Скопје кој сака да остане анонимен. „Секој документ трае со месеци, секоја дозвола чини како пола месечна кирија. А ако нешто недостасува – веднаш одбивање. И потоа сите велат, зошто младите бегаат во Србија да се забавуваат…“.

Од Министерството за економија велат дека постапките се заострени поради безбедносните пропусти што се покажале кобни во Кочани.

„Од Нова година ќе има уште построги казни и јасна кривична одговорност за угостителите кои работат без лиценца или со небезбедни услови“, потврдуваат за нашиот медиум извори од ресорното министерство.

Иако неофицијално, некои инспектори признаваат дека во моментов „на прсти се бројат“ клубовите што воопшто ги исполнуваат сите услови — од противпожарни системи до соодветна изолација и вентилација.

Најчесто, вратата на проблемот се отвора кај административната лавиринтска процедура. Дозволите за работа се добиваат дури откако ќе се завршат повеќе инспекциски надзори – пожарна, труд, санитарна, комунална, а секоја од тие институции има свој рок.

Во меѓувреме, сопствениците ризикуваат – или се обидуваат да работат „на црно“, со врата што никогаш не се рекламира, или едноставно затвораат.

„Ние не сме криминалци, сакаме само да работиме легално и мирно“, раскажува сопственик на поранешен клуб во Куманово. „После сè што се случи, луѓето се плашат. Дојдоа инспектори, бараа документи што никој претходно не ги барал. На крај, решив да не отворам. И сега – празна сала, прашина и една неисполнета младост“.

Официјалните бројки се ладни, бирократски. Но зад нив се крие цела генерација која останува без своето место за излез, за концерт, за гласна музика.

Во Скопје, неколку клубови сè уште дишат, и тоа со тешки услови – дел се пренаменети, дел работат со ограничено време, дел под друга дејност. Но вистинската ноќна сцена, онаа со енергија, светла и слобода, одамна ја нема.

А можеби, ако нешто не се промени – нема ни да ја има.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП