Сѐ повеќе македонски работници во Словенија раскажуваат дека не можат да си најдат матичен лекар – иако формално имаат право на тоа, бидејќи работат легално и ги имаат сите потребни документи.
Велат дека државата, инаку позната по уредениот систем, моментално се соочува со сериозен недостиг од медицински кадар, а најпогодени се токму оние што доаѓаат од странство и не се снаоѓаат лесно низ бирократските лавиринти.
„Имам здравствено осигурување, пријавена работа, сè легално – ама никаде не ме примаат. Викаат нема место, сите матични лекари се преполни. На крај, преку познаник ми најдоа матичен во град што е час ипол возење од Љубљана. Апсурдно е, ама што да правам“, раскажува еден нашинец кој веќе неколку месеци работи како магацинер во словенечката престолнина.
Тој додава дека со истиот проблем се соочуваат и неговите колеги од Македонија.
„Половина колеги се во иста мака. Ако ти затреба боледување, рецепт, или упат за специјалист – мораш да се снаоѓаш, или да плаќаш приватно. А тоа не е малку, особено кога имаш семејство дома и секој ден броиш евро по евро“.
Словенечките медиуми во изминатите месеци пишуваа дека системот на примарна здравствена заштита е на раб на колапс, со над 100.000 жители кои воопшто немаат избран матичен лекар.
Министерството за здравство најави нови мерки за олеснување на пристапот, меѓу кои и ангажман на странски доктори, но засега, како што велат самите работници, промените се бавни и на терен ништо не се чувствува.
„Ние не бараме ништо посебно – само право да имаме свој лекар, како што има секој граѓанин. Ако нешто те боли, треба да имаш каде да се обратиш, а не да молиш некого да те прими. Ова е борба со ветерници“, вели друг нашинец кој работи во Марибор.
Проблемот, велат експертите, е што словенечкиот здравствен систем со години се соочува со одлив на лекари во западноевропските земји, каде што платите се двојно или тројно повисоки.
На нивно место не доаѓаат нови, а оние што останале се преоптоварени.
Во меѓувреме, странските работници – кои ја одржуваат економијата во градежништвото, фабриките и логистиката – стануваат колатерална штета на системот што едноставно не може да ги опфати сите.
И додека словенечките власти ветуваат дека решението е „на повидок“, македонските работници остануваат меѓу бирократија, телефонски линии што никој не ги крева и апсурдот – да имаш право, а да не можеш да го оствариш.
Б.З.М.



