Медот е основна намирница во многу домаќинства и често го користиме за засладување на сè, од чај до јогурт. Но, што всушност се случува со нашите тела кога го јадеме секој ден?
Како природен засладувач полн со антиоксиданси и пребиотици, медот го поддржува целокупното здравје, а редовната консумација може да го подобри варењето на храната, да ја зголеми енергијата, да ја ублажи кашлицата и да помогне во борбата против инфекциите, според „Health.com“.
Вашето варење ќе се подобри
Истражувањата покажуваат дека медот може да има огромен позитивен ефект врз дигестивниот систем. Тој е богат со пребиотици, соединенија кои го хранат и поттикнуваат растот на добрите бактерии во цревата, објаснува Жаклин А. Вернарели, доктор по медицина, нутриционистички епидемиолог и вонреден професор на Универзитетот „Сакед Харт“.
„Додавањето мед во вашата исхрана секој ден може да ја нахрани оваа здрава флора. Кога имате поголеми количини на корисни бактерии, „имате подобро варење и апсорпција на хранливи материи“, додаде Вернарели, забележувајќи дека тој исто така помага во сузбивањето на растот на штетните бактерии кои предизвикуваат инфекции.
Ќе имате помалку оксидативен стрес
Друга голема предност на медот е неговото богатство со флавоноиди и феноли – молекули со антиоксидантни својства.
„Антиоксидансите помагаат во намалувањето на оксидативниот стрес, нерамнотежа во телото што може да доведе до оштетување на клетките. Ова го поддржува целокупното здравје, вели Вернарели“, но придобивките можат да бидат особено значајни за мозокот.
Според Ивет Хил, регистриран диететичар нутриционист, фенолите во медот ги штитат мозочните клетки и можат да помогнат во спречувањето на губење на меморијата.
Ќе добиете енергија без нагло опаѓање
Ако редовно консумирате мед, може да забележите дека имате повеќе енергија.
„Зголемувањето на енергијата од медот доаѓа од содржината на шеќер“, рече Вернарели.
Бидејќи медот содржи природен шеќер, тој може да обезбеди енергија без ненадејниот пад што често следи по консумирањето на рафиниран шеќер.
Голема мета-анализа сугерира дека медот може дури и да ја подобри контролата на гликемијата, но луѓето со дијабетес или предијабетес треба да се консултираат со лекар пред да го консумираат редовно.
Ќе кашлате помалку
Вистина е – медот навистина може да помогне во ублажување на кашлицата.
„Делува така што го обложува грлото, создавајќи заштитна бариера што ја намалува иритацијата и го потиснува нагонот за кашлање“, објаснува Лорен Манакер, регистриран диететичар и нутриционист.
Некои докази дури сугерираат дека медот може да биде поефикасен од лековите што се продаваат без рецепт. Затоа една лажица мед пред спиење, сама или измешана со топла вода, може да обезбеди помирен сон.
Може да имате помалку инфекции
Медот, особено суровиот, е познат по своите моќни антимикробни, антибактериски и антиинфламаторни својства. Како резултат на тоа, може да му помогне на вашето тело да се бори против инфекциите, со што ќе ја намали веројатноста да добиете грип или настинка.



