Изборите ќе поминат, а празните села ќе останат. Оваа слика не се менува, колку и да се менуваат владите, министрите, слоганите и предизборните ветувања.
Од вкупно 1.781 населено место во државата, 205 се целосно празни – нема човек, нема глас, нема живот. Тоа се бројки од последниот Попис, но бројките одамна престанаа да бидат само статистика.
Тие се предупредување, некаков молк што зборува повеќе од сите дебати и анализи за „рамномерен регионален развој“.
Кога ќе влезете во некое од тие села, го слушате само ветерот. Вратите излупени, тревата ја голтнала патеката, а ѕидовите што некогаш чувале семејства – сега се полни со пајажина.
„Не остана никој, сите заминаа во странство или во градовите“, вели Никола, последниот жител на едно мало пелагониско село. Живее сам, со две кози и радио што тивко шушти на дрвена маса. „Не ми треба ништо, само понекогаш да дојде некој да зборуваме…“
Додека политичарите се натпреваруваат кој повеќе ќе отвори фабрики и кој ќе донесе „европски живот“, на терен, животот се повлекува. И тоа не само во планините. Полуиспразнети станбени згради во градовите, цели улици со затворени дуќани, празни училници. Ова не е само демографија – ова е симптом. На нешто што одамна тлее.
Социологот Љубица Маџовска за Денар објаснува дека процесот на деурбанизација и иселување не може да се запре со административни мерки или субвенции.
„Луѓето не си заминуваат само поради економија, туку затоа што не гледаат перспектива. Дури и оние што имаат работа, чувствуваат дека нема за што да останат. Тоа е најопасниот дел – кога земјата не нуди надеж, не ја спасуваат ни инвестиции ни грантови“, објаснува Маџовска.
Иселувањето станува нова нормалност. Едно семејство од Преспа се преселило во Германија, друго во Чешка, а трето во Скопје – но веќе размислува и тоа да замине.
„Секој гледа некако да избега. Овде ни земјата не вреди да ја ораш“, ни вели Драган, млад земјоделец кој веќе ја продава механизацијата. „Јас не сакам да одам, ама нема со кого да работам. Сите си отидоа“.
Експертите предупредуваат дека празните села не се само носталгичен проблем, туку и економски.
„Кога селото умира, умира и локалната економија – нема производство, нема локална потрошувачка, нема даноци. Државата губи и пари и иднина,“ велат економистите.
Според нив, потребна е сериозна стратегија, но и волја да се вложува во живот, не само во бројки.
„Може да направите пат, но ако нема кој да помине по него – џабе“.
Некои се обидуваат да ја вратат душата на овие места. Поединци што купуваат куќи по селата, млади луѓе што отвораат мини фарми или работилници. Но, тоа се исклучоци.
„Еден човек не може да го оживее село“, велат експертите. „Потребна е заедница, инфраструктура, училиште, пошта, автобус… без тоа – ништо“.
И така, додека повторно ќе се зборува за изборни програми, инвестиции и „нови шанси“, на картата на Македонија ќе има уште едно село помалку. Празно. Само со една улица што не води никаде, и со имиња на табли што веќе никој не ги изговара.
Изборите ќе поминат, но тие села – нема кој да ги врати.
Б.З.М.



