ПочетнаЕКОНОМИЈАПари на рака денес, празни џебови утре

Пари на рака денес, празни џебови утре

Сивата економија ни ја јаде иднината, тивко, секојдневно, без големи наслови и без алармантни бројки на телевизија, ама последиците ги чувствува секој млад човек кој работи без да биде пријавен како вработен.

Не му тече стаж, не може да земе кредит, нема здравствено осигурување, а кога ќе му дојде време за пензија, дури тогаш ќе сфати дека за државата никогаш не постоел. И тоа е најтешкиот дел од приказната. Зашто бројките може да се пресметаат, но човечката штета не.

Според проценките, државата годишно губи над 250 милиони евра од сивата економија. Пари што наместо во буџетот, завршуваат во приватни џебови.

„Тоа се пари кои можеле да одат во зголемување на платите, во подобри услови во болниците и училиштата, во инвестиции што носат развој. Наместо тоа, тие се топат во сиви зони без трага“, коментираат економските аналитичари.

Тие предупредуваат дека секоја година која минува без системски мерки само ја зацврстува оваа паралелна економија.

Синдикатите и работодавците ретко се на иста страна, но во оваа тема, се согласуваат речиси до збор.

„Потребна е посилна инспекциска контрола, но и промена во менталитетот. Работникот кој се согласува да земе пари на рака, мисли дека добива повеќе – а всушност губи сè“, изјавува претставник на Сојузот на синдикати на Македонија, кој инсистира на повеќе инспектори на терен, а помалку декларации на хартија.

И работодавците не ја негираат потребата од реформи, но велат дека високите даноци и бирократијата ги тераат дел од фирмите во неформалност.

„Не е сè црно-бело. Кога имаш закон кој ти зема половина од заработката, некои едноставно не издржуваат“, вели еден скопски угостител кој бара разумен баланс меѓу казните и поддршката за малите бизниси.

Но, токму таа „сива зона“ го прави системот неправеден. Едни плаќаат сè, други ништо. Едни градат иднина, други – само моментална заработка.

„Сите губиме – и државата, и чесните компании, и работниците што мислат дека прават услуга кога прифаќаат пари без пријава. Тоа е како да си посеал семе, а да не сакаш да го полеваш“, коментира професорка по економија, која бара целосна дигитализација на инспекциските надзори.

Младите, пак, сè повеќе се губат во кругот на несигурност. Без стаж, без кредитна историја, без шанса за стан или за сопствен бизнис.

„Сите зборуваат дека треба да останеме во земјава, а јас со четири години работа во бутик, официјално имам нула стаж. Како да останам?“ – прашува 26-годишната Марија, која вели дека иако прима редовна плата во кеш, чувствува дека „живее во сенка“.
Државата има механизми, има и закони. Она што недостасува е волја и контрола. А без тоа, сивата економија ќе продолжи да расте – тивко, незабележливо, но сигурно. И ќе ја јаде иднината на генерации кои веќе се изморени да чекаат промени што секогаш доаѓаат… „од следната година“.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП