ПочетнаЕКОНОМИЈАСкромната симит погача стана луксуз - цената скокна за 100 проценти

Скромната симит погача стана луксуз – цената скокна за 100 проценти

Цената на бурекот, таа најстара утринска утеха на македонската маса, остана иста – од 80 до 120 денари, зависно од бурекчилницата и од тоа дали мајсторот уште го прави тестото на рака или има замешано половина индустрија во процесот.

Но нешто друго тивко се качи на пиедесталот на прескапиот појадок: симит-погачата, скромната, некако народна и заборавена, денес веќе чини 50 денари. До пред неколку месеци се продаваше за 20, најмногу 25 денари.

„Не знам зошто сте изненадени од цената“, вели продавачка во мала пекарница во Тафталиџе, која не сакаше да ѝ се објави името. „Брашното поскапе, маслото поскапе, струјата уште повеќе, а луѓето сè уште мислат дека симитот треба да биде 20 денари. Не оди тоа така“.

Во некои делови од градот, пак, симитот исчезна целосно од понудата.

„Ни беше нерентабилно“, објаснува сопственик на бурекчилница во Ѓорче Петров. „Кога ќе собереш сè – брашно, масло, печка, кеси, време – нема ќар. А луѓето се лутат ако им кажеш дека е 50 денари, мислат дека си полудел“.

И навистина, дел од граѓаните реагираат со неверување.

„Па тоа беше најевтиното нешто што можеше да го купиш наутро! Педесет денари за симит е претерано“, вели студентка од Скопје.

Пекарите тврдат дека цените не се произволни. Ги одредуваат пазарните услови, вели Александар С., кој има две маалски пекарници во главниот град.

„Кога килограм брашно скокна од 30 на 50 денари, ние не можевме да го задржиме стариот ценовник. Ако го задржиш, ќе работиш со загуба. А никој не работи за џабе“, вели тој.

Сепак, некако останува впечатокот дека бурекот, иако поскап, се држи на некоја „света“ цена. Никој не се осмелува да ја помести преку 120 денари – можеби затоа што бурекот е нешто повеќе од производ, тоа е навика, ритуал, емоција. А симитот… па, тој беше само придружник.

„Ќе го купат и за 60, верувај“, се насмевнува младиот пекар што ги вади врелите погачи од рерна. „Луѓето сакаат нешто едноставно, нешто што ги враќа во детството. А тоа нема цена, нели?“

Но, кога ќе ги погледнеш редиците пред бурекчилниците, не можеш да не се запрашаш: колку уште може да издржи навиката пред економијата?

И дали утре ќе зборуваме за бурек од 150 денари и за симит што веќе не се продава?

Некои веќе шепотат дека е прашање на време. И како што обично завршуваат овие разговори во пекарниците – со тивко подигнување на рамениците и некое кратко „па, што да се прави…“.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП