Цената на прасињата во Македонија последниве недели е во пад, додека кај јагнињата се бележат забележливи осцилации – нешто што повторно ја разоткрива нестабилноста на пазарот со месо и сточни производи.
Според податоците од терен, разликите во цените се движат во зависност од регионите и понудата, но генерално, како што велат експертите, нема драстични промени во однос на минатиот месец.
Сепак, производителите велат дека пазарот е „нервозен“, особено пред празничниот период кога побарувачката расте, а цените често реагираат и на најмалиот сигнал.
Познавачите објаснуваат дека иако цените варираат, трендот не покажува големи отстапувања.
„Во април и мај килограм жива мера кај свињите беше околу 180 денари, а сега, и покрај колебањата, не се оди многу надолу. Она што е важно е дека се намалува потрошувачката на свинско месо по глава на жител – пилешкото веќе го зазема неговото место“, велат експертите.
Проблемот, сепак, не е само во навиките на потрошувачите. Африканската свинска чума, која повеќе од година дена создава главоболки на сточарите, и натаму е активна во регионот.
Болеста го намали бројот на грла, а со тоа го наруши и целиот ланец на снабдување.
„Кога една фарма ќе се затвори, тоа не влијае само на неа. Се менува понудата, а со тоа и цената. Во источниот дел на земјата цените се нешто повисоки отколку во Пелагонија или во Полошкиот регион – зависи од тоа колку има во понуда и колку се бара“, велат упатените.
Јагнешкото месо, како што посочуваат, останува во рамки на екстензивно производство, односно сè уште не постои масовно, индустриско одгледување.
„Имаме добра традиција, но тоа не е доволно ако сакаме стабилен пазар. Производството на свињи и живина е поинтензивно и поконкурентно. Но, кога станува збор за јагне, тоа е повеќе сезонска приказна“, велат нашите соговорници.
Интересен е и трендот кај јунешкото месо – во последната година се забележува пораст на бројот на грла.
Европската Унија веќе неколку години ја ограничува говедарската индустрија поради еколошки стандарди, што за Македонија може да значи шанса.
„Имаме капацитети, имаме искуство. Само треба да најдеме начин да го пласираме месото, како што некогаш го продававме во Италија и Грција. Сега повеќе оди во регионални рамки, но мора да размислуваме и пошироко – Саудиска Арабија, Турција, Египет, Кина…“, нагласуваат економистите.
Фармерите најмногу бараат сигурност – да знаат по која цена ќе им биде откупено месото и дека количините ќе бидат навреме продадени.
Во пресрет на празниците, експертите апелираат и на претпазливост при свињоколите, потсетувајќи дека прегледот на месото на трихинела е задолжителен.
Б.З.М.



