ПочетнаЕКОНОМИЈАШтедењето добива нова форма – инвестиција што носи добивка

Штедењето добива нова форма – инвестиција што носи добивка

Во земја каде што традиционално се штеди „под перница“ или на штедна книшка, сè повеќе граѓани почнуваат да размислуваат поинаку – дека парите не треба само да мируваат, туку и да создаваат нова вредност.

Во последно време, сè поголем интерес предизвикуваат инвестициските фондови, како современ начин на штедење кој нуди и потенцијал за заработка.

Познавачите велат – ова не е магија, туку паметно управување со она што веќе го имаме.

Штедењето, објаснуваат, веќе не мора да биде пасивен чин. Може да се претвори во инвестиција, со што се спојуваат двете најчести форми на финансиско планирање – штедењето и вложувањето.

„Кога некој штеди, тој во суштина создава резерви за идни потреби. Но, кога инвестира, тој му дава на тој ист капитал живот, движење“, објаснува еден финансиски аналитичар со долгогодишно искуство.

Инвестицискиот фонд, додава тој, претставува еден вид посредник – професионален тим кој управува со средствата на граѓаните, вложувајќи ги во различни финансиски инструменти, како акции, обврзници, депозити или ликвиден имот.

Она што ги изненадува многумина е фактот дека не станува збор за нешто комплицирано или резервирано за богатите.
„Тоа е една од најчестите заблуди кај луѓето“, велат експертите.

Минимален износ за вложување, велат, не постои. Има граѓани кои издвојуваат само по неколку илјади денари месечно, исто како што би ги ставале на штедна сметка.

Други, пак, избираат еднократна уплата кога ќе имаат малку повеќе средства на располагање. Важно е дека динамиката ја одредува самиот инвеститор.

Во моментот кога лицето ќе вложи пари во фонд, добива таканаречени инвестициски единици. Тие единици го претставуваат неговото „учество“ во вкупниот капитал на фондот, а нивната вредност расте или опаѓа во зависност од успехот на инвестициите.

Кога вредноста расте – расте и добивката. На крајот, тоа е таа разлика што ја прави инвестицијата поатрактивна од обичното штедење.

Постапката е едноставна – граѓанинот потпишува неколку документи, ги разгледува условите, ги разбира ризиците и целите, и потоа им го доверува својот капитал на професионалците.

„Фондовите се строго регулирани институции, транспарентни, под надзор. Тоа не е дива игра на берзата, туку систем со јасни правила“, додаваат познавачите.

Во суштина, идејата е едноставна: со инвестициски фонд не мора да бидете финансиски гуру за да ја зголемите вредноста на вашите заштеди. Потребна е само малку доверба и трпение.

Или, како што би рекол еден искусен банкар што веќе три децении ги следи движењата на пазарот:
„Најлошото нешто што може да им се случи на парите е да стојат. Затоа што кога тие мируваат – времето работи против нив“.

И можеби во тоа е суштината на новиот пристап кон парите. Не се работи само за штедење. Се работи за тоа парите да се вратат во оптек, да се вклучат во економијата, да создаваат вредност.

А за обичниот човек, кој сака сигурност, но и барем мала добивка повеќе – тоа може да биде вистинската рамнотежа меѓу смиреност и можност.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП