На социјалните мрежи се појавуваат сè повеќе жалби од граѓани дека купените плескавици и ќебапи од месарница при печење почнуваат да мирисаат на амонијак – толку силно, што не може да се стои во кујната.
„Кога ги ставив на скара, прво мислев дека нешто ми загорело. Ама после неколку секунди — таква смрдеа на амонијак се рашири што морав да ги фрлам“, раскажува Емилија од Ѓорче Петров. „Се чувствува мирис како да чистиш со доместос, не како месо што треба да го јадеш“, додава таа со згрозен тон.
Слично искуство имал и Горан од Аеродром.
„Ги купив од позната месарница, изгледаа свежи, убаво обележани, ама кога ги испеков на тава, излегуваше чад со мирис како од некоја хемикалија. Не можеш да го издржиш. Ги фрлив сите, не сакав ни на мачката да ѝ ги дадам“.
Познавачите велат дека причините за ваквиот мирис се две – или месото е старо, или се додава адитив што го прави „вечно свежо“.
Професор по технологија на месо објаснува дека мирисот на амонијак е сигурен знак дека месото минало низ хемиски промени.
„Кога месото стои подолго, протеините се разградуваат и ослободуваат соединенија кои имаат мирис на амонијак. Тоа не може да се сокрие. Некои го прикриваат со зачини или со адитиви што го стабилизираат pH, ама тоа е само маска“, вели професорот.
Според технолог во една месна индустрија, проблемот е и во тоа што некои трговци мешаат старо месо со ново, па така го продолжуваат рокот.
„Месото изгледа убаво, црвено, но кога ќе се испече, излегува вистинската слика. Мирисот не лаже“, додава тој.
Граѓаните пак, разочарани и збунети, не знаат кому да се пожалат.
„Не можеш да докажеш ништо. Додека да однесеш примерок, ќе помине време. Јас веќе купувам само сурово месо и си мелам дома,“ вели Лидија, пензионерка од Карпош.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство брифираат дека вакви пријави има и дека редовно се прават контроли.
„Ако се утврди дека производот е неподобен за консумација, следуваат казни, но потребно е купувачите да пријават, со фискална сметка и дел од производот“, брифираат наши извори.
Во меѓувреме, скопјани велат дека сè потешко се наоѓа квалитетно мелено месо.
„Порано мирисаше на скара, сега на лабораторија“, вели со иронија еден млад татко од Карпош.
И така, останува прашањето – што точно ни продаваат некои месарници и дали амонијакот стана новиот „зачин“ на пазарот?
Б.З.М.



