Додека македонските овоштари мака мачат со ниски откупни цени и со неизвесен пласман, од странство сè почесто ни се враќаат истите тие јаболка – само во друга форма, како сокови и пиреа спакувани во шарени амбалажи.
Парадоксално, но вистинито: ние го извезуваме суровиот производ, а потоа го купуваме преработен назад по неколкукратно повисока цена.
Тоа што не сме изградиле доволно преработувачки капацитети дома, полека се претвора во национална навика која не само што не носи профит, туку и ни го одзема достоинството на производители.
Агроекспертите со години предупредуваат дека токму тука лежи најголемата шанса – не во количината, туку во квалитетот и во додадената вредност.
„Зошто да извезуваме јаболка, а да увезуваме сокови и пиреа? Нашето земјоделство е квалитетно, нашите овошја имаат вкус и мирис што го нема на друго место. Треба да ги преработуваме дома и да извезуваме готови, брендирани производи“, велат познавачите од секторот.
Според нив, државата треба поактивно да стимулира отворање на нови фабрики и мали погони, особено во регионите каде што производството веќе постои, за да се скрати синџирот и да се задржи профитот дома.
Набил Ганги, шефот на Канцеларијата на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) во Македонија, вели дека време е за трансформација.
„Македонското земјоделство има потенцијал, но му недостига поддршка во делот на иновациите и технологијата. Малите земјоделци, жените и младите треба да имаат полесен пристап до нови знаења и современи вештини. Само така ќе може да се создаде систем кој не зависи од временски услови и субвенции, туку од сопствена конкурентност“, нагласи тој.
Од ФАО најавуваат дека ќе продолжат со поддршка за структурните реформи во земјоделството, зајакнување на семејните фарми и модернизација на инфраструктурата – нешта без кои секој повик за „европско земјоделство“ останува празна фраза.
А реалноста на теренот е сè уште далеку од тоа. Малите производители се борат со ниски откупни цени, недостиг на ладилници и нестабилен пазар, па често се принудени да го продадат трудот под цена или, уште полошо, да го фрлат.
„Не сакаме милостина, сакаме услови. Ако има фабрика во регионот, нема да ги носиме јаболката во Албанија или во Србија за преработка“, раскажува еден овоштар од Ресен, чиј труд најчесто завршува во странски погони.
Иронијата е очигледна – странските компании потоа го преработуваат македонското овошје и ни го враќаат во шише, со етикета и цена тројно повисока.
И така, кругот се повторува. Извоз на суровина, увоз на готов производ. А можеби е време да го прекинеме тој циклус, да престанеме да им ја препуштаме добивката на другите и да почнеме да градиме свои приказни на успех.
Не е тоа само прашање на економија, туку и на самодоверба – да веруваме дека вредиме повеќе од ролја на снабдувачи со суровини. И дека вкусот на македонското јаболко заслужува да остане македонски, од дрвото до шишето.
Б.З.М.



