ПочетнаЕКОНОМИЈАДемонстрации ширум САД против владата на Трамп

Демонстрации ширум САД против владата на Трамп

Денес, во Вашингтон и други градови низ Соединетите Американски Држави, се одржуваат демонстрации против владата на претседателот Доналд Трамп, под слоганот „Без кралеви“, што републиканците на Трамп го читаат како „Мразете ја Америка“.

Демонстрантите исполнија места како Тајмс Сквер во Њујорк, историскиот Бостон Комон во Бостон, Грант Парк во Чикаго, Вашингтон и стотици други помали јавни простори.

Собраните носат транспаренти како „Ништо не е поголем патриотизам од протестот“ и „Спротивставете се на фашизмот“, а на многу места протестот повеќе личеше на улична забава.

На протестите во Портланд, Орегон, има бенд, а демонстрантите носат транспарент со преамбулата на Уставот на САД што собраните можат да го потпишат. Некои демонстранти дојдоа во костуми на жаби.

Ова се третите масовни протести од враќањето на Трамп во Белата куќа, а тие доаѓаат во услови на затворање на владата што не само што ги запре федералните програми и услуги, туку го тестира и основниот баланс на моќ во земјата.

Претседателот Трамп го поминува викендот во својот дом во Мар-а-Лаго, Флорида.

„Велат дека ме нарекуваат крал. Јас не сум крал“, рече Трамп вчера во интервју за телевизијата Фокс њуз.

За денес се планирани повеќе од 2.600 собири во големи и мали градови низ САД, организирани од стотици коалиции на различни организации.

„Големи собири како овој им даваат доверба на луѓето кои седеа настрана, но сега се подготвени да проговорат“, изјави демократскиот сенатор Крис Марфи за Асошиејтед Прес за време на протестот во Вашингтон.

„Трамп навистина мисли дека е крал и мисли дека може да дејствува покорумпирано кога владата е блокирана. Но, не може“, рече Марфи.

Истакнати политичари како демократскиот сенатор Чак Шумер и независниот сенатор Берни Сандерс се придружија на протестите, кои организаторите ги гледаат како противотров на постапките на Трамп, од репресијата на администрацијата врз слободата на говорот до воените имиграциски рации.

Републиканците се обидоа да ги претстават протестите како нешто радикално и како главна причина за 18-дневното затворање на владата.

Многу американски демократи го сметаа затворањето на владата како начин да се спротивстават на Трамп.

Од Белата куќа до Капитол Хил, републиканските лидери ги нарекоа демонстрантите „комунисти“ и „марксисти“. Тие велат дека демократските лидери, вклучувајќи го и Шумер, се задолжени на крајната левица и се подготвени да ја држат владата затворена за да ја смират.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП