ПочетнаЕКОНОМИЈАЕвропска комисија: Путин може да патува во Будимпешта и покрај санкциите и...

Европска комисија: Путин може да патува во Будимпешта и покрај санкциите и налогот за апсење

Европската комисија објави дека секоја можна средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин би била добредојдена доколку таа би придонела за постигнување „праведен и траен мир“ во Украина, пренесува Анадолу.

Зборувајќи на брифинг за медиумите, портпаролот на Европската комисија, Олоф Гил, рече дека „претседателката Урсула фон дер Лајен го поздравува секој чекор што води кон праведен и траен мир за Украина. Доколку предложената средба за која зборувате служи на таа цел, ние би ја поздравиле“.

Гил нагласи дека ставот на Европската Унија за Украина е „долгорочен и добро познат“ и дека „крајно време е Русија да ја прекине својата бесмислена и нелегална војна и агресија против Украина“.

Тој додаде дека, иако деталите за предложената средба сè уште не се потврдени, Европската комисија би ја оценила како позитивна „доколку таа би придонела за напредок кон постигнување мир“.

На прашањето дали Фон дер Лајен имала контакт со Трамп во врска со ова прашање, Гил рече дека не може да го потврди тоа, но додаде дека претседателот на Комисијата „е во редовен контакт со сите лидери како дел од нашите непоколебливи напори за постигнување праведен и траен мир во Украина“.

Друга портпаролка на Комисијата, Анита Хипер, нагласи дека ЕУ продолжува да ги поддржува сите мировни напори: „Ние го поддржуваме мирот. Го поддржуваме претседателот Трамп во неговите напори, сакаме тој да успее. Во овој контекст, сакаме дополнително да го зголемиме притисокот врз Русија“.

Таа додаде дека овој притисок ќе се одрази во следниот, 19-ти пакет санкции против Москва.

На прашањето дали Путин може да патува на евентуален состанок, Хипер појасни дека рускиот претседател и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров се предмет на санкции за замрзнување на средствата, но „не се конкретно опфатени со забраната за патување“.

Во четврток, рускиот и американскиот претседател одржаа, како што го опиша советникот на Кремљ Јуриј Ушаков, „многу суштински, но исто така и исклучително отворен и доверлив“ телефонски разговор кој траеше речиси два и пол часа.

Ушаков рече дека Путин и Трамп разговарале за можноста за одржување на нова средба лице в лице и се согласиле дека претставниците на двете страни треба веднаш да започнат со подготовките за самитот, а Будимпешта е наведена како можен домаќин. Двајцата лидери последен пат се сретнаа на 15 август во американската држава Алјаска.

Во меѓувреме, портпаролот Ануар Ел Ануини ја потврди поддршката на ЕУ за Меѓународниот кривичен суд (МКС), по прашањата за обврските на Унгарија кон судот во контекст на нејзината одлука за повлекување од Римскиот статут.

„Повлекувањето стапува на сила една година по известувањето на депозитарот. Јасно е дека ова не влијае на обврските на државата да соработува во истрагите и постапките што беа покренати пред тој датум“, додаде тој.

Да потсетиме дека на 3 април, кратко по пристигнувањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Будимпешта, Унгарија го објави своето повлекување од МКС, а во мај унгарскиот парламент усвои закон со кој се започнува едногодишниот процес на излегување.

Како дел од истрагата за воените злосторства во Украина, МКС издаде налог за апсење на Владимир Путин во март 2023 година.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП