Парадоксално, но вистинито – во земја каде што повеќето граѓани сметаат колку ќе потрошат за леб, масло и струја, дневно се оставаат по неколку стотини денари за кафе и за цигари.
Она што некогаш беше луксуз, денес стана навика – а навиката, велат психолозите, е посилна и од волјата.
„Мислам дека повеќе би се откажал од ручек отколку од цигара“, вели Гоце, возач од Скопје, кој пуши по кутија дневно и вели дека „не се живее без тоа прво утринско кафе“.
Сметката му е едноставна – кутија цигари 170 денари, две кафиња на работа по 70, едно попладне со друштво уште толку. За еден ден над 300 денари, а тоа собрано месечно е сериозен износ.
„Ама не се мислиш многу. Кафето е навика, дружење, па и некаков момент на бегство“, додава тој.
Според податоците, домаќинствата во Македонија годишно трошат околу 6% од своите месечни приходи на „пијалаци и тутун“. Во превод, повеќе отколку за образование, книги или култура.
Економистите коментираат дека овој тренд не е само македонски, но кај нас е понагласен бидејќи кафето и цигарата одамна не се само производ, туку социјален ритуал.
„Во кафетерија не одиш само да испиеш кафе, туку да видиш човек, да се пожалиш, да се насмееш. Тоа е евтина терапија“, вели Даниела, вработена во салон за мебел, која признава дека ако денот ѝ помине без кафе – нешто „ѝ фали“. „Не знам дали е кофеин или навика, ама стануваш зависен од моментот“.
Сопствениците на кафулиња велат дека иако цените постојано растат, потрошувачката не опаѓа.
„Народот ќе се откаже од многу работи, ама од кафе – тешко“, раскажува Сашо, кој има мал локал во Центар. „Сите се жалат дека е скапо, ама пак седат по два саати со едно еспресо“.
Ако се пресмета грубо, едно кафе во кафуле чини во просек 80 денари, а повеќето граѓани пијат најмалку две дневно. Тоа се 4.800 денари месечно, без да се смета цигарата. Ако пушите по кутија на ден – уште 5.000. Значи, само за овие две задоволства се одвојуваат по околу 10.000 денари месечно – колку за половина кирија, или за една добра месечна набавка во супермаркет.
Психологот Сања Љубеновиќ објаснува дека кај нас, консумацијата на кафе и цигари има и културна димензија.
„Кога се сретнуваш со некого, првото прашање е – ‘кафе?’ или ‘ќе запалиме една?’. Тоа е некаков облик на поврзување. Луѓето ја користат навиката како средство за блискост. Проблемот почнува кога тоа станува механизам на бегство – од стрес, од осаменост, од досада“, објаснува Љубеновиќ.
Државата, пак, секоја година добива сериозни приходи од акцизи на тутун и кафе. Извори од Министерството за финансии брифираат дека токму акцизите на цигарите се еден од најстабилните извори на буџетски приходи.
„И покрај зголемувањето на цените, побарувачката не опаѓа значително“, велат нашите соговорници.
Со други зборови – колку и да поскапува, народот ќе најде начин да си купи кутија.
Но, на крај, останува она вечно прашање: дали можеме без нив?
„Можеме, ама не сакаме“, вели една постара госпоѓа во Дебар Маало. „Ако ми го тргнеш кафето, ќе ми го одземеш и муабетот, и денот. А живот без муабет не е живот“.
Б.З.М.



